Настани cb012ff9-b7b2-4c68-ad9a-40f02095e7b1

13 октомври, 2015

Втор европски саем за музички креативни работници – ПИН конференција

„ТАКСИРАТ“ годинава го има задоволството да го најави новото издание на „ПИН“ музичката конференција која ќе се одржи во „МКЦ“ во  Скопје, на 27 и 28 ноември. „ПИН“ конференцијата со својата интензивна панел-програма, повеќе од 200 гости и над 20 концерти, се приклучува кон веќе најавеното одржување на „Лузер фест“, чиј конкурс е отворен уште само два дена, а со овој уникатен музички собир, во последниот ноемвриски викенд, ќе биде официјално отворена програмата од седумнаесеттото издание на фестивалот „ТАКСИРАТ“.

„ПИН“ конференција во 2012 година започна како прва меѓународна музичка конференција во Македонија, а годинава имаме огромно задоволство да ја продолжиме започнатата иницијатива за актуелизирање и развој на музичката сцена кај нас. Во тоа име целиот концепт на конференцијата е осмислен како посебен предизвик и придобивка пред сѐ за музичарите, кои ќе имаат можност да поминат два дена заедно со дел од најголемите имиња од европската музичка индустрија и директно да бидат вклучени во дискусиите и актуелните теми за музичката уметност и индустрија денес.

Овој собир на музичките работници од земјава, регионот и Европа е посветен на светските актуелни теми, локалните случувања и потреби во областа на музиката и културата, а ќе понуди различни дискусии кои ќе продрат длабоко во суштината на овие прашања. Публиката ќе има прилика да чуе повеќе од 20 теми на панел дискусии, презентации, предавања, работилници, на кои ќе учествуваат голем број музички промотери, продуценти, менаџери, новинари, граѓански здруженија, јавни институции, културни активисти, претставници на најголемите музички фестивали во Европа, млади музичари и експерти од цела Европа кои се активни во организирање и промовирање на културни настани, а само мал дел од нив се: Eurosonic, Sziget, Exit, Przystanek Woodstock, Pohoda, Berlin Festival и тн. Скопје за време на овие два дена повторно го трасираме како европски епицентар за размена на напредни идеи и знаења од областа на музичката индустрија, музичката уметност и културата.

Сето тоа ќе биде надополнето со интензивна музичка програма која ќе се одвива во вечерните часови со настапи на повеќе од 20 артисти кои ќе имаат своевиден „showcase“ за времетраење на конференцијата. Финале на овие два дена ќе биде годинашното издание на Лузер фест“, вечерта на 28 ноември, со што и ќе биде затворена музичката конференција, а најавено последното одбројување до финалната концертна програма на 17. издание на „Таксират“ фестивал.

„ПИН“ конференцијата годинава се одржува како дел од меѓународниот проект кој го предводи ЗКУ „Таксират“, насловен „West is the best. Проектот е финансиран од  страна на „Вишеград фонд“ (the International Visegrad Fund), а се реализира под водство на ЗКУ „Таксират“ од Македонија и во партнерство со AAA Production (EXIT; Србија), Dokufest (Косово), Pohoda festival (Словачка), Sziget Festival (Унгарија), Colour meeting (Чешка) и Ethno Port Poznan (Полска).

Активностите на овој проект се насочени кон мобилизирање на музичките уметници, професионалци и културни оператори, за промоција на културата и уметноста во мултиетничките општества од земјите на Западен Балкан и Вишеград Група (Словачка, Полска, Чешка и Унгарија), со цел да се создадат нови партнерства меѓу културните организации од овие региони. Во тој контекст, „ПИН“ конференцијата ќе послужи како база за вмрежување на музичките професионалци и работници, промоција на артистичките вредности и проширување на клутурната размена меѓу регионите. Основата цел е обезбедување на ангажман и поддршка за граѓанските здруженија кои се активни во музичкиот и културниот сектор, зацврстување на дијалогот и соработката помеѓу овие организации со цел да се промовираат и негуваат можностите за вмрежување помеѓу инволвираните региони.

Сите информации и деталната програма од овој викенд, ќе бидат наскоро објавени на официјалните интернет страници www.taksirat.mkwww.pinconference.mk и www.password.mk , како и на фан-страниците на социјалните медиуми.



Врати се горе ↑