Настани skopje_jazz_festival_2014

15 септември, 2014

Врвни музички имиња на 33-тиот Скопски џез-фестивал

Од 16 до 19 октомври ќе се одржи овогодишното издание на Скопскиот џез-фестивал кој ќе понуди шаренолика програма опфаќајќи 12 концерти на врвни светски музичари и групи. Со настапот на дуетот Јун Сун На и Улф Вакениус и на Тери Лин Керингтон квартет, на 16 октомври во Универзалната сала ќе започне 33-тиот Скопски џез-фестивал. Од 16 до 19 октомври, љубителите на џезот и на квалитетната музика во четири фестивалски денови ќе имаат можност да проследат дванаесет настапи на реномирани музичари и групи кои доаѓаат од САД, Велика Британија, Шведска, Норвешка, Бразил, Јужна Кореја, Полска, Швајцарија, Белгија и Австралија.

И годинава, како и во изминатите фестивалски изданија Скопскиот џез-фестивал е мошне разновиден и ќе понуди музика која се движи од класичниот израз па сѐ до авангардниот и прогресивниот џез, како и музика достапна за пошироката публика.

Фестивалот на 16 октомври ќе го отворат две големи дами на џез музиката. Публиката ќе има можност да го проследи настапот на извонредната корејска џез-вокалистка Јун Сун На која ќе настапи во дует со шведскиот гитарист Улф Вакениус, дуо во чија музика се проткајува уникатна музичка хемија и богатство на бои. Истата вечер ќе уживаме и во концертот на американската тапанарка, композиторка и добитничка на наградата ГРЕМИ, Тери Лин Керингтон. Керингтон со својот квартет во Скопје ќе го претстави актуелниот проект „Money Jungle: Provocative in Blue”, нејзиниот долго очекуван омаж на исконскиот албум „Money Jungle” на легендарното трио на Дјук Елингтон, Чарлс Мингус и Макс Роач од 1963 година. Полноќната програма на фестивалот во Сити хол центар ќе ја отвори „Мачиеј Обара Интернејшнл“, модерниот џез квартет на најзначајното име на новиот полски џез, саксофонистот Мачиеј Обара.

За енергичната атмосфера на втората фестивалска вечер (17 октомври, Универзална сала) ќе бидат задолжени експлозивните „Фајр Орчестра (Fire! Orchestra)“, 24-члениот биг-бенд, составен од кремот на шведската џез, импро и авант-рок сцена, кој ќе настапи под диригентската палка на Матс Густавсон. Во рамките на оваа вечер, својот карактеристичен музички опус ќе го претстави и исклучителниот швајцарски пијанист и композитор Ник Барч, придружуван од составот Ронин Ритм Клан (Ronin Rhythm Clan). Концертната програма оваа петочна вечер ќе биде заокружена во Сити хол центар со полноќниот концерт на белгиското трио „Дон Дон (Dans Dans)“ кое е едно од најинтригантните откритија на европската музичка сцена во последните години.

Третата фестивалска вечер (18 октомври, Универзална сала) е резервирана за едно од најиновативните и најоригинални имиња на џез-пијанизмот, Американецот Метју Шип. Вториот дел од оваа вечер е посветен на врвен џез и боса нова, во кој ќе бидеме заведени од изведбата на славната бразилска пијанистка и пејачка Елиане Елиас, која на скопската публика ќе и го понуди својот препознатлив репертоар кој ги обединува нејзините бразилски корени и заводливиот вокал со импресивните инструментални џез и класични композиторски вештини. На полноќ, во Сити хол центар ќе ги видиме култните британските иноватори „Ред Снепр (Red Snapper)’ кои ќе го претстават својот најнов проект „Hyena”, албум кој ја носи свежината на актуелниот афро-фан ривајвл, а во исто време претставува рефлексија на целокупната работа на бендот во последните две децении.

Годинешното фестивалско патување во џез музиката ќе заврши во недела (19 октомври). Првиот концерт од фестивалската завршница во Кино Фросина ќе го исполни можеби најистакнатото и најоригиналното музичко дуо на 1990-тите, составено од легендата на њујоршката авангардна сцена Нед Ротенберг и извонредната вокална импровизаторка Саинко Намчилак, чиешто повторно обединување нѐ остава во возбудливо исчекување. Програмата од ова фестивалско издание ќе заврши во Салонот на Македонската опера и балет со настап на трубачот, мулти-инструменталист, композитор и импровизатор Вадада Лио Смит во тандем со њујоршкиот саунд дизајнер Хардеџ (Hardedge), чиј прв заеднички студиски проект „The Nile” беше снимен во април оваа година. За крај на 33-тото издание на Скопскиот џез фестивал, посетителите ќе уживаат во концертниот перформанс на култното австралиско трио „Д Некс (The Necks)“, чие прво концертно претставување во Скопје несомнено ќе биде уникатно музичко доживување.

Влезниците за 33-тиот Скопски џез фестивал ќе бидат пуштени во продажба денеска, понеделник (15 септември) на билетарите на Југотон Рекордс, Универзална сала и Македонската опера и балет и онлајн на www.mktickets.com.



Врати се горе ↑