Балкан

21 јуни, 2019

Возбудливо финале на „Ѕвездите на Гранд“

Четири македонски кандидати се натпреваруваа во вчерашното финале на „Ѕвездите на Гранд“, но за жал, ниту еден од нив не доби доволно поддршка за да триумфира во оваа сезона на популарното шоу. Имено, Мартинијан Кириловски, Огнен Здравковски, Филип Пецовски и Дарко Коцевски Даринос вчера се натпреваруваа во конкуренција од вкупно 16 финалисти, а победата и од жирито и од публиката отиде во рацете на талентираната босанска пејачка Џејла Рамовиќ, со рекордни 1.017 поени.

Финалистите се натпреваруваа со по две песни, така што Огнен настапи под реден број 2 со „Остала си увјек иста“ и „Гори ватра“, под реден број 3 го видовме Даринос со „Џелем, џелем“ и „I Barval Pudela“, шести беше Кириловски, кој ги отпеа „Остала си увјек иста“ и „Време да се растаје“, а под реден број 12. Пецовски ги изведе „Волим осмех твој“ и „Ла Мајами“.

Огнен Здравковски настапи под реден број 2 (фотографија: grand.online)

Самиот процес на гласање беше особено интересен бидејќи се одвиваше по евровизискиот принцип, односно кандидатите добиваа поени од повеќе балкански ѕвезди, вклучувајќи ги и нашите Елена Ристеска, Тамара Тодевска, Калиопи и Маја Оџаклиевска, а потоа беа додадени и поените од публиката. На нашите кандидати, Елена Ристеска му додели 1 поен на Филип, 8 поени на Огнен и максималните 12 на Мартинијан, а од Маја Оџаклиевска 1 поен отиде за Даринос, 3 за Филип, 7 за Огнен и 10 поени отидоа за Мартинијан. Еден поен Филип доби и од Тамара Тодевска, која на Огнен му даде 5 поени, на Мартинијан 6 и на Даринос 10 поени, додека Калиопи исто така со еден поен го награди Филип, со 3 поени Даринос, со 5 поени Мартинијан и со 8 поени Огнен.

Даринос воодушеви со „Џелем, џелем“ и „I Barval Pudela“ (фотографија: grand.online)

Според гласањето на ѕвезденото жири, од нашите кандидати најмногу поени доби Мартинијан (133), следен беше Огнен со 124, Даринос освои 109, а Филип 48 поени. Кумановецот доби најголема поддршка и од публиката, освојувајќи вкупно 95 поени, Филип беше втор со 82 поени, трет Огнен со 48 поени и четврт Даринос со 26 поени. Откако беа собрани поените од жирито и публиката, со вкупно 228 поени на 5. место се пласираше Мартинијан, со 172 поени на 8. место заврши Огнен, со 135 поени на 10. место е Даринос, а веднаш зад него, со 130 поени на 11. место заврши Филип.

Филип Пецовски направи вистинско шоу (фотографија: grand.online)

Иако не победија, нашите Македонци сепак ги освоија симпатиите на целата балканска публика, а учеството во популарното шоу сигурно ќе придонесе за поголем успех во освојувањето на регионалниот музички пазар. Можеби момците по вторпат или третпат ќе си ја пробаат среќата и в година, а доколку го сторат тоа, ќе можете да им се придружите и вие, бидејќи веќе в понеделник се одржува аудицијата во Скопје, со почеток од 9.30 часот во телевизијата „Канал 5“. В недела нè очекува и финалето на сестринската емисија „Никогаш не е доцна“, каде што се натпреваруваат нашите кандидати Ленче Кукиќ и Бејхан Рамов. Среќно!

И.Ј. / фотографии: grand.online



Врати се горе ↑