17 септември, 2015

„Во твојот орман“ на Игор Минарков ќе оди на Ем-ти-ви Адрија

Популарниот македонски артист, кој јавноста го познава како дел од легендарното рап дуо „Лесен удар“ и хитовите како „Сафирски прстен“, „Души“ и ред други, Игор Минарков во месец јуни ја промовираше својата прва соло песна која од почетокот на оваа недела (понеделник, 14 септември) е достапна за сите телевизиски гледачи на регионалниот канал на Ем-ти-ви, Ем-ти-ви Адрија.

Минарков до менаџментот на Ем-ти-ви Адрија го доставил видеозаписот за темата „Во твојот орман“ веднаш по промоцијата во јуни, но поради намалената гледаност на телевизиските програми во летниот период инсистирал емитувањето да започне од септември. Покрај првата соло песна на Игор, тимот на Ем-ти-ви Адрија изразиле интерес за материјалот кој раперот активно го подготвува и ќе го презентира во наредниот период, но и за постарите хитови од „Лесен удар“ кои оставија белег на македонската рап сцена.

Идејата за темата „Во твојот орман“ е предизвикана од една позната скопска манекенка за чии успеси надалеку се слуша, но раперот не сака да го открие јавно нејзиното име. Станува збор за реална сторија што навистина се има случено, и сето тоа метафорично е опишано во провокативниот текст кој не остава никого рамнодушен. Темите кои досега ги напишал Игор Минарков најчесто се автобиографски, бидејќи артистот инспирацијата ја црпе од секојдневните случки кои му ги приредува животот.

Видеозаписот е во продукција на „BMA Brothers“, а во спотот главна улога има атрактивната манекенка Александра Николова од Софија, соседна Бугарија. Во меѓувреме раперот работи на нов материјал за студиски албум кој наскоро ќе и промовира на македонската, но и балканската јавност, за што интензивни преговори се водат со уште неколку телевизиски куќи во регионот.



Врати се горе ↑