Македонија suze 2

8 јули, 2015

Во сообраќајна несреќа загина новинарката Сузана Тодоровска – Павловска

Во тешката сообраќајна несреќа што се случи синоќа кај Трговскиот центар „Зебра“, во центарот на Скопје, животот го загуби Сузана Тодоровска – Павловска, новинар во Македонското Радио, чиј глас секојдневно го слушавме во „Филмските минути“ на Радио 2. Македонското Радио загуби почитуван, афирмиран и посветен новинар. Во центарот на нејзиниот богат новинарски опус беа културните настани, а главен фокус филмската уметност и подвижните слики на кои им го посвети најголемиот дел од својата кариера.

Сузана Тодоровска – Павловска дипломирала на Филозофски факултет, Институт за психологија. Од  1991-та работеше во Вториот програмски сервис на Македонското Радио. Со нејзиниот професионален новинарски ангажман, посветеност и одговорност, во 1998 доаѓа на местото уредник во редакција. Десет години подоцна е назначена за главен и одговорен уредник на вториот програмски сервис – Радио 2, функција која успешно ја извршуваше во наредните три години. Пријателите и колегите велат – професионалец, но и ведра личност која секогаш знаеше да помогне секому.

Погребот ќе биде извршен утре на гробиштата во Ѓорче Петров.

 



Врати се горе ↑