Настани cb012ff9-b7b2-4c68-ad9a-40f02095e7b1

25 ноември, 2015

Во петок започнува „Таксират“ со големата ПИН музичка конференција

Во петок (27 ноември) во Младинскиот културен центар во Скопје, фестивалот „ТАКСИРАТ“ официјално ја отвора програмата од своето 17. издание со меѓународната ПИН музичка конференција. ПИН конференцијата ќе се одржува со дневна и ноќна програма на 27 и 28 ноември и ќе биде затворена со годинашното издание на „ЛУЗЕР ФЕСТ“!

Програмата на „ПИН“ конференцијата е веќе целосно затворена и подготвена за време на овие два дена да ги пречека посетителите на возбудливо дружење со повеќе од 200 гости од 22 земји од Европа, 100 музичари, 30 шоукејс концерти, 20 панели, работилници, филмови и настапите на финалистите и гостите на возобновениот „ЛУЗЕР ФЕСТ“!

Како гости на „ЛУЗЕР ФЕСТ“ годинава ќе настапат македонскиот брутал дет-метал бенд „ФОРМЛЕС ТЕРОР“ (FORMLESS TERROR) и минатогодишните победници на фестивалот, концептуалниот аудио/визуелен сајберпанк бенд „ПРОЏЕКТ 2501“ (PROJECT 2501)!

Само во рамките на музичката „шоукејс“ програма на конференцијата, во МКЦ ќе имаме пригода да ги чуеме во живо дел од најквалитетните веќе докажани и нови имиња од музичката сцена како „ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ“, „ЏУН“, „ЛЕТЕЧКИ ПЕКИНЕЗЕРИ“, „ЉУБОЈНА БРАС ФАНТАЗИ“, „ПРОЏЕКТ ОРФЕУС“, „ГАВРНМЕНТ“.

Покрај македонските изведувачи, „ПИН“ со свој настап ќе ги пречека и новите музички таленти од повеќе земји од странство, меѓу кои „АЛБЕРТАЈН’ од Германија, „ЏОЈКАТ“ од Италија, „КАНЏИЈА И ГОЛЕ ЖЕНЕ“ од Хрватска, „ЛУДОВИК МАТЕРИЈАЛ“ од Словенија, „ЗРНИ“ од Чешка, „ПАНОНИЈА ОЛСТАРС СКА ОРКЕСТАР“ од Унгарија и „ИЛС“ од Словачка.

Исклучително атрактивна е и дневната панел-програма на конференцијата, во чии рамки „ТАКСИРАТ“ и „ПИН“ ќе бидат домаќини на голем број музички промотери, агенти, продуценти, менаџери, новинари, граѓански здруженија, претставници на јавни институции, културни активисти, претставници на најголемите музички фестивали во Европа, музичари и експерти од цела Европа кои се активни во организирање и промовирање на културни настани, а само мал дел од нив се: GLASTONBURY, EUROSONIC NOORDERSLAG, SZIGET, EXIT, PRZYSTANEK WOODSTOCK, POHODA, MELT!, BERLIN FESTIVAL и тн. Скопје за време на овие два дена повторно го трасираме како европски епицентар за размена на напредни идеи и знаења од областа на музиката и на кој посетителите директно ќе бидат вклучени во дискусиите и актуелните горливи теми за музичката уметност и индустрија денес.

ПОСЛЕДЕН РОК ДА ГО РЕГИСТРИРАТЕ ВАШЕТО ПРИСУСТВО НА „ПИН“

Сите кои се заинтересирани да бидат дел од „ПИН“ Конференцијата, задолжително треба претходно да го регистрираат своето присуство на овој линк, најдоцна до 26 ноември. „ПИН“ влезниците за претходно регистрираните посетители на целосната програма на конференцијата ќе се продаваат само во деновите на одржувањето на конференцијата, на билетарата во МКЦ, а ќе чинат 200 денари. Покрај овие, ќе се продаваат и дневните конференциски (за дневната програма) и фестивалски (за вечерната програма) влезници, кои пак чинат 100 денари.

Присуството на „ПИН“ конференција е бесплатно за сите оние кои се професионално вклучени во музичката сцена и музичкиот бизнис, музичари, новинари, културни активисти, музички работници. За да бидат акредитирани за целосната програма на „ПИН“, истите задолжително треба да се пријават на апликацијата за акредитирање која е достапна на овој линк.

Сите детали околу влезниците, акредитациите и начинот на регистрирање се достапни тука.

Годинава „ПИН“ конференцијата се одржува како дел од меѓународниот проект кој го предводи ЗКУ „Таксират“, насловен „West is the best”. Проектот е поддржан од  страна на „Вишеград Фонд“ (the International Visegrad Fund), а се реализира под водство на ЗКУ „Таксират“ од Македонија и во партнерство со AAA Production (EXIT; Србија), Dokufest (Косово), Pohoda festival (Словачка), Sziget Festival (Унгарија), Colour meeting (Чешка) и Ethno Port Poznan (Zamek Culture Center; Полска).



Врати се горе ↑