Свет amy-winehouse-estátua

15 септември, 2014

Во Лондон поставен споменик на Ејми Вајнхаус

На вчерашен ден (14 септември) е родена познатата британска пејачка и музичарка Ејми Вајхаус, која трагично почина на 23 јули 2011 година, на само 27-годишна возраст. Сега, три години по нејзината смрт, во лондонскиот кварт Кемден откриен е бронзен споменик од пејачката. На настанот присуствуваа нејзините родители, Мич и Џенис Вајнхаус, останатите членови на семејството и секако бројни пријатели и фанови. Познато е дека Ејми била поврзана за квартот Кемден Таун, во кој се доселила кога имала само 16 години.

За локацијата на споменикот имало доста дискусии, но на крајот Мич Вајнхаус изјавил дека е задоволен што скулптурата е поставена на плоштадот каде што ќе биде попристапна, а истовремено ќе може да придонесе за позитивните спомени на неговата ќерка, како и да ги насочи фановите да не се собираат околу нејзиниот некогашен дом, кој „буди лоши спомени“. „Ејми беше заљубена во Кемден, тоа е местото кое најмногу потсетува на неа и затоа споменикот е поставен токму овде. Сакавме да се направи вакво нешто и заради нас, семејството, но и за бројните фанови кои сега ќе можат да ја посетуваат. Оваа статуа е одличен момент застанат во времето“, изјавил Мич.

Авторот на бронзената статуа висока 175 см, која ја прикажува Ејми во нејзината карактеристична поза и популарната фризура, е вајарот Скот Итон, кој изјавил: „Оваа поза треба да ги прикаже ставот и силата на Ејми, но и да дозволи да се забележи нејзината несигурност. Раката на колкот, положбата на главата, допирот на здолништето, положбата на ногата – тоа се малите елементи кои ја претставуваат личноста. Дизајнот не се базира врз некоја конкретна фотографија или момент, туку е комбијација од повеќе влијанија. Се надевам дека преку различни важни моменти во нејзиниот живот успеав да створам целина од тоа што беше суштината на Ејми… Бев нејзин голем фан и имам најдлабока почит кон неа како уметница. Од моја перспектива како вајар, имала неверојатен стил и енергија.“

 



Врати се горе ↑