Македонија vlatko-3

20 ноември, 2012

Влатко Стефановски подготвува нов материјал

Македонскиот виртуоз на гитара, Влатко Стефановски на почетокот на 2013 година ќе го промовира својот нов албум, за кој деновиве ги снима вокалите. Албумот, за кој уште порано Стефановски најави дека ќе биде насочен кон поп-рок музиката, доаѓа по цели десет години од „Kула од карти“, неговото последно издание со ваков призвук. Во 2004 година заедно со Мирослав Тадиќ и Теодосиј Спасов, Влатко го објави култниот „Трета мајка“, каде што се застапени главно македонски традиционални теми. Потоа следуваат блуз-преработките во „Гром од ведро небо“, а по нив снимениот настап Live in Zagreb со Тадиќ и екипата и проектот Kings of Strings со Томи Емануел и Стокело Росенберг.

Во меѓувреме Стефановски компонирал музика за филмот „Kад сване дан“ на режисерот Горан Паскаљевиќ, инаку српски претставник за престижната филмска награда „Оскар“ од неанглиско говорно подрачје. На концертен план Стефановски е прилично активен. Со соло-перформанс деновиве акустично настапи во „Гранд казино“ во Белград, на 8 декември ќе има концерт во Љубљана заедно со Васко Атанасовски и камерниот жичен оркестар на Словенечката филхармонија. Потоа во јануари ќе настапи во Монте Kарло заедно со Мирослав Тадиќ, Теодосиј Спасов и филхармонискиот оркестар на Монте Kарло. Истиот месец во Амстердам ќе го продолжи патувањето со Спасов и Тадиќ на фестивалот „Фламенко“, а на крајот од јануари тројцата ќе настапат во Лондон, во театарот „Барбикан“ заедно со Лондонскиот симфониски оркестар.



Врати се горе ↑