Концерт вс

21 март, 2017

Влатко Стефановски ќе одржи концерт со воениот оркестар на Словенија

Гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски на 19 април во арената „Метрополис“ во Скопје, ќе одржи концерт заедно со оркестарот на словенечката војска. Специјално за овој концерт, Влатко со „Биг бендот“ подготвуваат репертоар во кој ќе бидат вклучени некои од неговите најпознати композиции, но и познати фанк, џез и соул-стандарди.

„Сигурен сум дека ќе бидете импресионирани од мојата нова музичка авантура и богатиот звук на извонредниот ’Биг бенд’. Не се во прашање чекорници и парадна музика, туку сериозни аранжмани за џез-стандарди, инспирирани се разбира од традиционалната музика“, вели Стефановски.

Пред две години диригентот на „Биг бендот“ на словенечката војска, Рудолф Гас го повикал Влатко Стефановски да биде гостин на нивниот концерт на Конгресниот трг во Љубљана. Стефановски признава дека на почетокот бил по малку скептичен, не знаејќи што тој откестар свири, но после првата заедничка проба останал „потполно фасциниран од звукот и професионализмот на оркестарот“.

Нивниот одличен концерт во Љубљана е забележан на цеде и дивиди, во издание на „ЗКП Љубљана“, на кои се изведуваат и песните „Gypsy Song“, „Јовано Јованке“, „Stratus“

„Тоа не е класичен воен оркестар, се работи за биг бенд, кој звучи како секој голем џез биг бенд. Сите членови се извонредни инструменталисти и главно џез музичари. А нивната појава е навистина атрактивна бидејќи настапуваат во парадни униформи. Во оркестарот има и жени, кои се задолжени за придружните вокали“, објаснува Влатко Стефановски.

Концертот е во организација на „Баги комуникации“, а влезниците ќе бидат пуштени во продажба наскоро.



Врати се горе ↑