Концерт Belgrade_25.10.13_1

29 октомври, 2013

Влатко Стефановски гостин на концертот на Џибони во Скопје‏

По четири години од последното гостување во Скопје, еден од најпопуларните пејачи на регионалната музичка сцена Златан Стипишиќ ЏИБОНИ подготвува голем самостоен концерт кој ќе се одржи на 16-ти ноември во арената „Борис Трајковски“. За задоволството да биде уште поголемо, покрај придружниот бенд, гостин на овој концерт на Џибони ќе биде и македонскиот легендарен виртуоз на гитара, Влатко Стефановски.

Влатко Стефановски важи за еден од традиционалните гости на албумите и концертите на Џибони, а за неговата гитара самиот Џибони вели дека ја одбележа и оплемени неговата музика во изминативе 15 години. Најавен како еден од најдобрите гитаристи во Европа, Влатко гостуваше и на концертот кој изминатиов петок Џибони го одржа во Белград, а наскоро нивниот концертен спектакл доаѓа и во Скопје. Поддршка на концертот во Скопје ќе биде и импресивната вокалистка Стефани која е единствената дама со статус на солистка во славниот и „Греми“ наградуван Лондонски Госпел Хор (The London Community Gospel Choir). Досега сме имале прилика да ја гледаме и слушаме на настапите со Мадона, Елтон Џон, Пол Макартни, Депеш Мод, Џорџ Мајкл и тн, а овој пат нејзиниот сензационален вокал ќе го чуеме и во живо на концертот на Џибони во Скопје.

Показател дека на 16-ти ноември во Скопје нè очекува исклучително концертно доживување е и последниот настап на Џибони. Тој изминатиот петок настапи во Белград и во вистинска екстаза ги понесе илјадниците фанови во „Комбанк Арена“. Ова беше прв концерт на Џибони пред белградската публика, а дел од неверојатната атмосфера беа 17.000 луѓе кои ја исполнија арената до последното место. Уште првите отсвирени ноти, публиката ги пречека со громогласен аплауз, а овациите и восхитувањата продолжија во магичното доживување до самиот крај на тричасовниот концерт.

Следна дестинација на неповторлвиот музички уметник, кој зад себе има богата кариера подолга од 20 години, е токму Скопје.

До големиот концерт во Скопје остануваат уште две недели, а според интересот кој веќе го предизвика овој настан очигледно е дека пред нас е уште еден повеќечасовен концерт кој долго ќе го паметиме. Сите македонски фанови ги очекува вистински концертен спектакл во рамки на кој сплитскиот кантавтор премиерно ќе ги отпее песните од првиот албум снимен на англиски јазик „20th Century Man“, но воедно ќе ги потсети и на бројните постари хитови како „Либар“, „Не одустајем“, „Миракул“, „Опрости“, „Темпера“ и многу други.

Влезниците за овој концерт се достапни во продажната мрежа на MK Тикетс, по цена од:

  • 400 денари – горните три реда од трибините
  • 600 денари – останатите редови од трибините
  • 500 денари – партер
  • 1000 денари – ВИП трибини
  • 1200 денари – ВИП партер

Концертот на Џибони во Скопје е дел од европската турнеја за промоција на неговиот нов албум „20th Century Man“. Почетокот на концертот е закажан во 21:00 часот, а влезот на арената „Борис Трајковски“ ќе биде отворен за посетителите од 20:00 часот.



Врати се горе ↑