Настани 63461eef-ae9c-469f-8829-49a3c7df5917

1 август, 2014

Владетелите на денс подиумите и жесток хардкор звук на Аква Парк Фест

Подготвени ли сте за наjлудата Аква Парк журка? Покрај веќе најавените„Дисциплина Кичме“, „Елементал“, „Бед Копи“ и „Прок&Фитч“, АКВА ПАРК ФЕСТИВАЛ ја надополнува програмата за своето второ издание владетелите на денс подиумите и најжестокиот македонски хардкор бенд! Како еден од хедлајнерите на првиот фестивалски ден кон програмата на АКВА ПАРК ФЕСТИВАЛ се приклучува колоритниот и харизматичен германски диџеј и продуцент ТИМО МАС (TIMO MAAS), кој истата вечер ќе ја дели сцената со миленикот на префинетите познавачи на електронската музика и творецот на веројатно најдобрата техно хаус продукција ЈОРИС ВОРН (JORIS VOORN), како и секогаш возбудливиот холандски диџеј/продуцент „ФАНКЕРМЕН“ (FUNKERMAN). Вториот ден на фестивалот пак, доаѓа еден од најдобрите македонски хардкор бендови ХАРДФЕЈСД“ (HARDFACED) со нивниот препознатлив моќен звук!

Тешко е да се поверува дека поминаа речиси 15 години од славниот ремикс на ТИМО МАС  за песната на „Азидо Да Басс“ (Azzido Da Bass) – „Dooms Night“, траката која го лансираше во врвот на германската електронска сцена, а уште потешко дека овој артист врти плочи веќе повеќе од 30 години. При тоа не покажувајќи никакви знаци на умор, па во 2013. година го дочека и објавувањето на новиот албум „Lifer“ на кој гостуваат Кејти Круел, Џејмс Лавел од составот „Анкл“ (UNKLE) и пејачот на групата „Пласибо“ (Placebo), Брајан Молко, со што уште еднаш се докажува неисцрпниот музички диверзитет на Тимо Маас. Покрај новиот албум, изминатата година остана запаметена и по повеќе одбележја поврзани со Тимо Мас, кој прослави 10 години како резидент диџеј во клубот ДЦ10 (DC10) на Ибица, работеше на изданија за етикети како „Last Night On Earth“ и „My Favorite Robot Records“, потпиша со нови артисти за неговата сопствена етикета „Rockets & Ponies“, беше вклучен во одбележувањето на 100. издание на „Кокун“ (Cocoon) и продолжува да ја зацврстува својата репутација како еден од најразновидните ликови на сцената на германската електронска музика.

Едно име кое упорно сјае меѓу идентитетите на иноваторите како постојано прогресивен талент е артистот роден во Ротердам, ЈОРИС ВОРН. Ворн е според некои мислења релативно нов момент на електро подиумите и додека неговата животна игра со големите ѕвезди е во нагорна линија, постојаниот печат на неговата музика и посветеноста на префинетата продукција со сигурност го вметнува во несомнен фокус. Холандскиот продуцент и диџеј голем дел од својата кариера ја одбележа чествувајќи ги неговите техно влијанија од почетоците во иста мера колку што и истите ги предизвикуваше. Со повеќе од две децении поминати во настапи во живо и постојано зголемување на дискографијата потпишана со неговото име која се протега од атмосферски интермеца да искршени ритми, Ворн покажува дека за него речиси да нема граници во мелодичните истражувања. Уште во 2003 година Ворн ја освои наградата за талент на годината на холандските диџеј-награди, но неговата популарност стана вистинска во 2009 година со хитот „Sweet The Floor“, кој наедно беше прогласен за химна на Ибица. Неговиот последен објавен сингл „Ринго“ беше една од најголемите траки на „Битпорт“ за 2013 година, со огромна радио поддршка и означен како еуфорична модерна класика. Како високо почитуван диџеј кој ги пресретнува технолошките предизвици, Јорис Ворн е разновиден на начин кој ја демонстрира причината зошто е тој толку самоуверено загарантиран со години како влијателен владетел на денс подиумите од Јапонија до Ибица, без воопшто да се додворува на било што блиско до презрената комерцијалност. Дури и славниот Лорен Гарние своевремено изјави дека токму Ворн е идниот чувар на електронската музика, алудирајќи при тоа дека душата на овој звук е и тоа како жива, и покрај разните обиди што повеќе да се искмерцијализира и добро да се наплати. Овој великан на електронскиот звук со сигурност со својот сет на Аква Парк фестивал ќе претстави бројни одлични синглови, а можеби и потполно нов звук на електронскиот музички жанр, а доколку судиме по досегашните настапи она што е секако сигурно е дека никого нема да остави рамнодушен.

Покрај нив, на 29 август на Аква Парк Фестивал доаѓа и холанѓанецот„ФАНКЕРМЕН“, меѓународно признатиот диџеј и продуцент, но и основач на етикетите „Can You Feel It Records“ и „Flamingo Recordings“. Од неговата почетна љубов како еден од првите промотери на американскиот хоп хоп, преку опсесивната посветеност во изнаоѓањето на класиците на соул, диско и фанк музиката, до градењето на својот музички израз врз основа на првиот бран на американскиот хаус звук; тој посојано е во потрага по изнаоѓање, создавање и свирење на нова и возбудлива музика. Во 2004 година ја основа етикетата „Flamingo Recordings“, заедно со продуцентот Раф Јансен и диџејот и продуцент Фед ле Гранд. Етикетата оствари големи успеси, објавувајќи ги и некои од најзначајните хаус траки на ’90тите, вклучувајќи ги Ida Corr’s „Let Me Think About It“ на Ида КорPut Your Hands Up For Detroit“ соработката на Фед и Фанкермен и „3 Minutes To Explain. Тој истотака има изработено и ремикси за некои од големите музички имиња како Моби, „Шугабејбс“ и Ида Кор. Во 2010 година го објави и својот прв албум „House For All“. Последните неколку години неговите турнеи опфаќаат настапи насекаде ширум светот, а пред да го објави и својот следен албум најавен за оваа година, ќе имаме прилика да го видиме и во Пробиштип, на Аква Парк Фестивал.

Вториот ден на фестивалот, жестокиот хардкор звук на главната бина на АКВА ПАРК ФЕСТ ќе го претстави еден од најдобрите македонски бендови на овој жанр, моќните „ХАРДФЕЈСД“. Групата е основана во почетокот на 2004 година во Охрид, од страна на шест пријатели под влијание на хардкор и метал музика. Во 2007 излегува нивниот деби албум “More than hate” кој добива одлични критики во Македонија и ширум Балкан. Албумот е комплетно распродаден и реиздаден во 2008 од страна на „Years of Pain records“ во Бугарија. Во 2011 излегува нивниот втор албум “Show them what they fear”.  „Хардфејсд“ учестуваа на повеќе големи фестивали како Егзит, Аларм, неколку пати биле на балкански турнеи, но и низ Европа. Ја делеле сцената со бендови како „Биохазард“, „Парквеј Драјв“, „Борн Фром Пеин“, „7 Секондс“, „Ласт Хоуп“ и многу други. Низ годините „Хардфејсд“ непрекинато го негува нивниот препознатлив тежок звук, агресивни рифови, комплексни солажи, силна ритам секција следена од двата вокали. Изминатиот период го снимија својот трет албум кој треба да излезе оваа есен.

АКВА ПАРК ФЕСТИВАЛ, големиот музички настан кој своето премиерно и исклучително успешно издание го имаше минатата година во Пробиштип, оваа година го подготвува своето второ издание. Спектакуларното дводневно доживување оваа година ќе се одржи на 28 и 29 август, на истата локација Аква Паркот во Пробиштип и тоа со уште попозитивно и повесело издание на АКВА ПАРК ФЕСТИВАЛ 2014.

АКВА ПАРК ФЕСТИВАЛ наскоро ги објавува и останатите артисти од богатата програма за оваа година исполнета со повеќе од 20 изведувачи!

Следете нè на: www.facebook.com/aquapark.fest

ВЛЕЗНИЦИТЕ ЗА АКВА ПАРК ФЕСТИВАЛ СЕ ПУШТЕНИ ВО ПРОДАЖБА

Влезниците за Аква Парк Фест се достапни во продажба по промотивна цена од 400 денари за еднодневна влезница и 700 денари за фестивалска влезница во која е вклучен бесплатен камп простор на фестивалот, бесплатна влезница на Аква Паркот и користење на сите водени атракции кои тој ги нуди. Промотивните билети ќе се продаваат во строго ограничен број!

Картите за фестивалот ќе можат да се купат во продажната мрежа на МКтикетс:

  • Продажните салони на ONE во: Скопје (Рамстор, ТЦ Бисер, ГТЦ, ВЕРО Центар, Скопје Сити Мол) Куманово, Тетово, Гостивар, Битола 01, Охрид, Струга, Неготино, Кавадарци, Прилеп, Штип, Велес, Кочани, Струмица, Гевгелија.
  • Југотон ГТЦ 1 кат, МПМ ПРЕСС, Гоги Драчево, Универзална Сала – Скопје, Алпине Спорт – Тетово, Тобако – Охрид
  • Билетара на Аква парк – Пробиштип.


Врати се горе ↑