Македонија

1 јули, 2017

„Визија“ е единствениот македонски бенд на „Егзит 2017“

За само неколку дена ќе започне еден од најпознатите музички фестивали во регионот и во Европа, „Егзит“, а од 5 до 9 јули публиката во Нови Сад ќе ужива со настапите на бројни светски музички ѕвезди, но и нови надежни имиња што допрва ќе си го пронајдат своето место под сонцето. Токму затоа, фестивалот веќе неколку години со ред ги отвора вратите за млади музичари, избирајќи ги најдобрите од нив да настапат на бројните сцени на Петроварадинската тврдина.

На конкурсот објавен во мај годинава се пријави и скопскиот алтернативен рок бенд „Визија“, кој воедно е и единствениот од Македонија што доби можност да се претстави пред огромната публика на „Егзит“. Основана во 2011 година, групата минатата година го објави својот прв албум насловен „Гласно!“, чија насловна тема беше екранизирана во март годинава.

„’Гласно’ бидејќи ние со нашата музика постојано го опишуваме местото на младиот човек во општеството, дека тој постојано треба да биде гласен, сите оние ставови што ги има да ги искажува гласно за да може да биде чуен. Воедно го прецизираме и стилот на нашата музика, која е гласна, и сфативме дека ова е она име кое треба да го носи албумот, бидејќи не само што го опишува нажиот жанр, туку ја опишува и пораката што сакаме да ја пренесеме“, рече гитаристот на бендот, Марко Џамбазоски.

Иако може да се каже дека е доста значаен, настапот на „Егзит“ е уште еден во низата успешни учества на фестивали од регионот, како што се „Лејк фест“ (Црна Гора), „Јелен демофест“ (БиХ), „Миксер“ (Србија), „Гитаријада“ (Србија)… „Визија“ беше и еден од победниците на натпреварот „Конверс рабер трекс“, а британската музичка страна „Имрџинг инди бендс“ (Emerging Indie Bands)  ги смести меѓу најдобрите 10 во светот, додека на 30. јубилејно издание на „Рок фест“, Марко Џамбазоски беше прогласен за најдобар гитарист.

„Визија“ се: Марко Џамбазоски (гитара и придружен вокал), Марко Гапо (вокал и ритам гитара), Лилјана Јанкова (бас гитара, придружен вокал) и Синиша Ѓорѓевиќ (тапани).

17498760_1463429157036003_5172944639905299398_n

Егзит оваа година слави 50 години од славното „Лето на љубовта“, одбележувајќи ги настаните од 1967 година, кога настана револуционерното хипи движење кое засекогаш го промени светот. Годинава е воведен и нулти ден, така што од 5 до 9 јули ќе настапат имиња како што се „Килерс“, Лиам Галагер, Рошин Марфи, Џејсон Деруло, „Рег-ен-боун мен“, Џеф Милс, Хардвел, „Јирс енд јирс“, „Лост фрикуенсис“ и многу други.

И.Ј.



Врати се горе ↑