Настани db62b657-3afb-4e07-8138-e5c41d94efde

18 декември, 2015

Виз Калифа доаѓа на „Егзит 2016“!

Најголемата светска хип-хоп ѕвезда и едно од најзначајните музички имиња на денешницата Виз Калифа (Wiz Khalifa) првпат ќе настапи на овие простори во недела, 10 јули на главната бина на фестивалот „Егзит“! Виз Калифа доаѓа во Србија во врвот на својата популарност, откако оваа година ги покори светските топ листи со песната „See You Again“ од филмот „Furious 7“, а воедно и го изедначи рекордот на Еминем од 12 недели на првото место на американската топ листа. Истата песна достигна вртоглава бројка од 1,2 милијарди прегледи на Јутјуб и стана најгледаното видео оваа година и еден од трите најгледани спота на сите времиња! Досегашните синглови на Калифа исто така со леснотија достигнуваа до самиот трон на светската хип-хоп сцена, па така во збир надминуваат три милијарди прегледи на Јутјуб, со кои овој изведувач станува еден од најпопуларните на светот. Подеднакво импозантна е и листата на соработници на Виз, на која се запишаа и Бруно Марс, Викенд, Снуп Дог, Мајли Сајрус, „Марун 5“’, Лили Ален, Вил Ај Ем, Фифти сент и бројни други. Виз Калифа зад себе има и десет номинации за Греми, меѓу кои е и овогодишната, според многумина и најважната, за песна на годината. Препознатлив по истенчениот стил, раперот од Питсбург има своја модна линија, а тој е и актерска ѕвезда во неколку филмови, како што е и „Mac & Devin Go To High School“ каде главната улога ја дели со Снуп Дог. Дека е една од најбараните светски ѕвезди, најдобро говори фактот дека токму Виз Калифа ќе настапи пред милион фанови на глобално славниот дочек на Нова година на њујоршкиот „Тајмс сквер“!

Exit Magic Adventure 2016 – Први потврдени изведувачи:

Покрај Виз, втората најактуелна рап сензација, и тоа од оваа страна на Атлантикот, на „Егзит“ доаѓа директно од јужен Лондон! Во моментов најбараниот европски рапер Стормзи (Stormzy) ќе настапи во недела, 10 јули, на главната бина и ќе покаже зошто тој е и официјално најдобриот ем-си во Европа. 22-годишниот рапер е автор на првиот сингл рапуван во слободен стил кој влезе во првите 40 на британската топ листа, но и првиот рапер кој доби покана да настапи кај Џулс Холанд! За каква незапирлива сила станува збор, најдобро говори покренатата кампања за Стормзи да биде божиќниот хит број 1 на топ листата, позиција која во Велика Британија редовно ја освојува актуелната ѕвезда од „Х фактор“. За целта да биде уште потешка, во трка е и Џастин Бибер, како и музичката тема на „Star Wars“ (Војна на ѕвездите), но и покрај тоа обложувачите на раперот му даваат огромни шанси за победа! Провокативниот пристап, општествено ангажираните текстови и несфатливиот талент за рапување беа причина Стормзи да ја освои наградата „Мобо“ за изведувач на 2015 година и да биде една од главните теми на социјалните мрежи ширум светот.

Еден од најубавите женски аренби и хип-хоп вокали, Мис Дајнамајт (Ms Dynamite), ќе настапи на првиот ден на „Егзит“ во рамки на омилената X-Bass (Икс-бејс) програма и големата прослава на јубилејот на Playaz (Плајаз) вечерта, која веќе 20 години се одржува во култниот клуб „Фабрик“ во Лондон! Добитничка е на „Меркјури мјузик“, две „Брит“ и три „Мобо“ награди, а диџеј Фреш, Мејџор Лејзер, Кејти, Јасмин и Шај Еф-икс се само дел од нејзините соработници. Во рамките на истата прослава, на „Егзит“ доаѓа и великанот и пионер на бејс музиката, и еден од основачите на „Тру плејаз“ (True Playaz), незаменливиот диџеј Хајп (DJ Hype), како и Сабзиро (Subzero). Кевин Форд, како што му е полното име, е повеќекратен добитник на наградите за најдобар бејс диџеј и сопственик на еден од најпопуларните драмендбејс ремикси на сите времиња, за песната „Ready or Not“. Летната химна „Afterglow“ која има повеќе од 47 милиони прегледи на Јутјуб, ќе ја разигра Петроварадинската тврдина на 8 јули, бидејќи тогаш доаѓа неприкосновениот хитмејкер Вилкинсон (Wilkinson)! Лондонскиот продуцент доминираше на британската листа на синглови со албумот „Lazers Not Included“, а ремиксите ги потпиша за имиња како што се „Горгон сити“, „Чејс енд статус“, „Егземпл“ и Ед Ширан. Кон листата на бејс ѕвезди ќе се придружат и популарните дабстеп рокери „Моудстеп“ (Modestep), чие актуелно издание „London Road“ е прогласено за најдобар бејс албум во 2015 година! На главната бина на „Егзит“, ќе им се придружи и „Ајви леб“ (Ivy Lab), одличната ликвид драмендбејс тројка од лондонската етикета „Критикал“, а кое го сочинуваат Сејбр (Sabre), Стреј (Stray) и Халоџеникс (Halogenix).

Голема новогодишна акција: 1 влезница за 2 фестивала!

За време на новогодишната акција, влезниците за фестивалот „Егзит“ се достапни по промотивната цена од 3.599 денари, со 70% попуст и со подарок влезница за фестивалот „Си денс“! Строго ограничениот број на влезници во рамките на оваа акција во Македонија е достапен преку продажната мрежа на МКтикетс, а повеќе информации за новогодишната понуда можете да најдете на mktickets.mk и на exitfest.org.



Врати се горе ↑