Балкан article_big_1425993290Viva_Vox_2

10 март, 2015

„Вива вокс“ ќе го објави својот прв албум

Српската хорска атракција „Вива вокс“, којашто имавме можност да ја слушнеме во рамките на „Охридско лето“ во 2013 година, јубилејот од 10 години ќе го одбележи со студиски албум, кој ќе биде објавен кон крајот на месецов. Диригентот на хорот, Јасмина Лорин, најави дека по излегувањето на цедето, 10-годишнината ќе ја прослават и со голем концерт во белградската арена.

„Сакавме на посебен начин да ги одбележиме десетте години работа на хорот, а има ли подобар начин од издавање на прв албум и одржување концерт во Арената? Со ова сакавме да им се заблагодариме на сите слушатели кои нè следат уште од концертите во земунскиот Дом на воздухопловството, како и на сите пејачи кои беа дел од хорот и помогнаа да стане ова што е денес“, изјавила Лорин, додавајќи: „Се надеваме дека нашиот албум првенец и концертот во Арената ќе бидат доказ дека во Србија може да опстане и поинакво доживување на музиката од она кое преовладува.“

На албумот, кој ќе го носи името на хорот, ќе се најдат преработки на најголемите светски хитови изведени на специфичниот начин, карактеристичен за „Вива вокс“, најавил главниот аранжер Борис Балуновиќ.

„Студиското снимање на а капела преработките на песните, само со гласови и битбокс, беше голем предизвик, како за нас, така и за одличните луѓе од студиото ’Атик’, кои го снимија овој албум на начин, на којшто никој во Србија не го направил досега. Нашата публика ќе може да слушне малку поинаков звук од она на коешто навикнале кога нè слушаат на концертите, но можеби својот пат до цедето ќе го најдат и некои песни кои ќе ја пренесат и енергијата од настапите во живо“, изјавил Балуновиќ.

Во снимката, која „Вива вокс“ ја објави на својот официјален канал на „Јутјуб“, можете да откриете како изгледа тој невообичаен процес на снимање. Станува збор за низа од куси видео приказни од снимањето на албумот преку кои публиката ќе може да ѕирне зад кулисите и да ги види членовите на хорот во малку поинакво издание. Нови снимки од овој серијал ќе бидат објавувани до крајот на март, кога цедето ќе биде достапно за јавноста во Србија, а се надеваме и кај нас.

 

Извор и фотографии: MTV.rs



Врати се горе ↑