Концерт alexander-ghindin

25 ноември, 2013

Виртуозот на пијано Александар Гиндин со концерт во Скопје

Еден од најголемите руски виртуози на пијано кој ги исполнува светските сали, Александар Гиндин,  вечерва (понеделник, 25-ти ноември) ќе одржи свој концерт во Салонот на Македонската Опера и Балет во Скопје, на огромно задоволство на македонската публика. Критиката и љубителите на музичката уметност едногласно го прогласуваат Александар Гиндин за еден од најталентираните и најуникатни пијанисти на денешницата. Во 1994 година тој стана најмладиот лауреат во историјата на реномираниот интернационален натпревар „Чајковски“ во Москва.

Огромно е задоволството после двата успешни концерта на Охридско лето во 2011 и оваа 2013 година, овој пат и на публиката во метрополата да и овозможиме уживање во извонредната изведба на Александар Гиндин. Тој е еден од најпечатливите и најценетите руски пијанисти на денешницата и ја носи титулата „Заслужен уметник на Русија“, а концертите на Охридско лето само ја докажаа на нашата публика неговата величина. Покрај концертот, Александар Гиндин ќе одржи и семинар со студентите по пијано на Факултет за музичка уметност – Скопје“ – изјавува Гордана Јосифова-Неделковска, Деканот на ФМУ и организаторот на концертот.

Успесите на натпреварите од ранг на „Кралицата Елизабета“ во Брисел, Кливлендскиот пијанистички натпревар во САД, „Санта Катарина“ во Бразил каде го освојува Првото место повеќе пати ги потврдуваат врвните квалитети на Гиндин. Тој има настапувано со светски познати оркестри како Лондонска и Минхенска филхармонија, Парискиот оркестар, Новиот јапонски филхармониски оркестар, Белгискиот национален оркестар, Шведскиот кралски фестивалски оркестар, Луксембуршката филхармонија и многу други. Соработувал со најпознатите диригенти меѓу кои Томас Зандерлинг, Артур Фаген, Алан Гилберт, Леонард Слаткин, Јури Симонов. Како солист на Московската државна филхармонија одржува бројни концерти во Русија и низ светот.

Александар Гиндин работи и како уметнички директор на повеќе престижни фестивали. Во сезоната 2010/2011 се појавува како уметнички директор на два фестивала во Русија, еден во Белорусија и на Шведскиот кралски фестивал во Стокхолм. Неговите концерти секогаш се инвентивни и честопати вклучуваат ретко изведувани дела, а така ќе биде и на концертот во понеделник на чијашто програма се делата од Вивалди/Бах, Рахмањинов, Шуберт/Лист и Брамс.

Влезниците за концертот кој е во организација на Скопје Класик со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија се веќе пуштени во продажба и можете да ги набавите во Југотон, Камарад (Рамстор), Розе (Веро 2) и билетарницата на МОБ. Концертот ќе започне во 20 часот. Не пропуштете ја можноста да уживате во врвната уметност на големиот пијанист Александар Гиндин!

Во продолжение слушнете како звучи Рахмањинов во изведба на Гиндин.

 



Врати се горе ↑