Македонија

18 мај, 2018

Виолета Томовска: „Сите мои песни се подарок и порака за публиката“

Виолета Томовска, првата дама на македонската народна музика, иако неодамна наполни 73 години, сѐ уште има енергија, волја и бисерен глас, на верната публика од повеќе генерации да ѝ ги стопли срцата пеејќи ги своите аманет-песни, со кои денес се идентификува македонскиот народ, дома и секаде, каде што е расеан по светот. Нема Македонец што не ги запеал „Македонско девојче“, „Ој, Вардаре македонски“, „Едно име имаме“, „Молитва“, „Љубов голема“, „Песна ви пеам, Македонци“, „Запеј песна, Македонко“… Речиси во сите се споменуваат Македонија и Македонците и токму затоа сите се своевидни химни на нашиот народ.

„Моите песни се подарок и порака за публиката“, рече Виолета Томовска во неодамнешен разговор со „Нова Македонија“, откривајќи дека неуморно снима нови песни, а најновата е соработката со Томислав Которечевиќ.

„Лани на ’Цветници’ ја пеев ’Песно моја’, а понови се и ’Простодушна’ од браќата Барбаровски и ’Празник’ на музика од Дамир Имери, а текстот е на Огнен Неделковски, која, како што вели насловот, може да се изведува за секој празник. Би сакала сите мои песни да ги ставам на носач на звук, а навистина не се малку. Исто така голема желба ми е да направам уште еден голем концерт, во Скопје или во родната Битола, но не знам дали тоа ќе биде изводливо бидејќи не добив поддршка од Министерството за култура. Би сакала уште еднаш на сцената да застанам со сите мои колеги, текстописци, композитори и да им се заблагодарам за сите прекрасни мигови и песни што ми ги подариле од срце, а јас ѝ ги подарив на мојата публика“, ја откри својата голема желба Виолета Томовска, а целиот разговор прочитајте го овде.

Извор и фотографија: Нова Македонија / Дарко Андоновски



Врати се горе ↑