Свет

7 април, 2018

Вил Ај Ем и Бритни Спирс ја изгубија битката за „Scream & Shout“

Вил Ај Ем и Бритни Спирс ја изгубија правната битка за нивниот хит од 2012 година, „Scream & Shout“. Дуото беше вовлечено во петгодишен судски спор со британската пејачка и авторка Тулиса Контославлос, која тврдеше дека не била запишана во авторскиот тим на песната. Имено, таа изјави дека синглот бил оригинално насловен „I Don’t Give A F*ck“ и бил наменет за нејзиниот деби-албум „The Female Boss“, но продуцентите ја зеле песната и како соработничка ја навеле Бритни.

Откако беше објавена, „Scream & Shout“ ги освои светските топ-листи, искачувајќи се меѓу најдобрите десет во повеќе земји ширум светот, па според пресудата во корист на Контоставлос, таа ќе добие огромна оштета, односно 10 проценти од издавачките права и заработувачката од песната. Заради судската постапка, заработувачката била блокирана од 2012 година, што значи дека целиот авторски тим наеднаш ќе добие огромна сума на пари. Во текот на судењето било откриено и дека вокалите на Бритни миле измиксани со вокалите на Тулиса.

Тулиса Контоставлос

Интересно е и тоа што Вил Ај Ем претходно признал дека Тулиса учествувала во создавањето на песната. „Тулиса напиша дел од песната пред мене и тоа е вистината. Но продуцентите на битот… не сакаа ни да слушнат за да ја запишат како дел од тимот“, открил тој. Сè уште не е јасно зошто тој и остатокот од неговиот тим одлучиле да не го признаат нејзиниот придонес, со што ќе се избегнеше оваа долга битка.

Извор близок до пејачката за британски „Метро“ открил како се чувствувала таа во врска со овој случај. „Тулиса беше вознемирена кога песната беше одземена од неа и дадена на Бритни, особено бидејќи таа напиша дел од неа. Требаше да биде еден од најголемите хитови на нејзиниот прв албум. Но, таа не сакаше да ги остави работите така и успеа да го однесе случајот на суд и победи. Таа само сакаше да биде признаена како автор на една од најголемите поп-песни во последнава деценија“, заклучил изворот.



Врати се горе ↑