Македонија viktor-apostolovski

3 јули, 2013

Виктор се враќа со нова песна и најава за албум

Јасно ни стави до знаење дека „не се предава“, а наскоро ќе дознаеме и што е „најважно од сè“. Виктор Апостоловски во изминатите денови сними видео запис за неговата нова песна насловена „Најважно од сè“, чија премиера се очекува за почетокот на следната недела.

Но, за младиот битолчанец изминатиот период бил прилично тежок: „Покрај работата и факултетот ми се случија безброј други работи кои не беа планирани, а една од нив беше и грабежот што се случи за време на празниците, во кој додека јас бев на одмор во Битола, неколку мина влегле во станот во Скопје и го превртиле, земајќи буквално сè што имав вредно во него. Го зеле мојот деск топ компјутер, цела опрема за снимање и цел албум на кој работев пролетва и беше готов за издавање сега го нема.“ – вели Апостоловски, додавајќи: „Како и да е, веднаш сфатив дека работите никогаш нема да ги најдам и дека треба да се подготвам и периодов да удрам машки и да го сработам сето тоа што ми беше одземено. Повторно почнав од нула, но со помош на семејството и пријателите, брзо се вратив во форма, се опремив и ете месец и пол после тоа излегувам со нова песна, најава за спот од наредната недела и најава за албум оваа есен. Брат ми дури и почна на шала да вика ’Изгледа крадците не ти ја слушнале претходната песна ’Не се предавам’.“

„Новата композиција е летна тема, со малку етно моменти, во која повикувам на малку опуштање, оставање на грижите и тешкотиите што ги носи животот, но и малку боцкам за некои работи од секојдневниот живот. Нормално, јас не би бил јас ако не боцнам некоја таква тема.“ – вели Виктор. Песната деновиве ќе можете да ја слушнете на македонските радија, а видео записот кој е скоро готов ќе може да се види од понеделник. Во продолжение уживајте со последниот хит „Не се предавам“.

 



Врати се горе ↑