Интервју 407097_250333221705344_1131400741_n

6 декември, 2012

Виктор: Работам сам бидејќи имам слобода да ги изразам своите чувства

Момчето кое го запознавме на популарното музичко шоу „Македонски идол“, еден од малкуте Идоли кои активно продолжија со музичка кариера е секако битолчанецот Виктор Апостоловски. По завршувањето на Идол, Виктор во соработуваше и со познатиот продуцент Валентино Скендеровски, но во изминатиот период борбата ја продолжи сам, како што пее во неговиот најнов сингл „Не се предавам“. Во саботата беше одржана и интересна онлајн промоција за видео записот на новиот сингл, во која учествуваа и ја следеа голем број фанови на талентираниот битолчанец. Знаеме за неговите неодамнешни активности, па решивме да го прашаме Виктор кои се неговите следни планови.

  • Виктор, по завршувањето на Идол, ти си можеби еден од најуспешните кои се претставија на јавноста во тоа шоу. Зад себе веќе имаш 4 песни и три видео записи. Колку си задоволен од постигнатото?

Па мислам дека можев многу повеќе да постигнам во изминатиов период, меѓутоа, како што сум изјавил неколку пати, јас не сум дете од богата фамилија, туку морам напорно да работам за да постигнам нешто. Тоа значи дека јас учам факултет, предавам, му помагам на татко ми и во слободно време, кое го имам многу малку, правам музика. Затоа работите одат толку бавно, арно ама не смеам ни да се пожалам од постигнатото досега, бидејќи ако направиме една споредба на моите дела, за кои сум се мачел, заработувал и сам сум ги сработил и делата на останатите учесници во шоуто, на кои тие дале само глас како свој придонес, мислам дека цврсто сум стапнал на мојот пат и ќе продолжам да се движам по него.

  • Првите две песни беа на англиски јазик. Дали тоа значи дека имаш желба или план да ја пласираш твојата музика и надвор од Македонија?

А кој не би сакал тоа да се случи? Нормално, првата идеја беше да бидат на англиски бидејќи луѓето беа навикнати така да нè слушаат поради идолот, но мојата животна цел не е да правам музика во Македонија и да останам тука, туку моите идеи, талент и знаење да ги однесам надвор од тука кон поголеми пазари, а еден ден се надевам и низ целиот свет.

  • Соработуваше со Валентино Скендеровски, но последните две песни се целосно твои авторски дела. Дојде ли крајот на таа соработка или имате планови и за идни проекти?

Тино е супер човек, за разлика од многу други наши продуценти. Не велам сите, бидејќи има уште неколумина што доста ги почитувам, другите се само машини за правење пари без никаква почит и љубов кон музиката. Иако добив понуди од сите продукциски куќи во нашата држава, јас одбрав да работам со Тино бидејќи тој беше единствениот што понуди квалитет наместо пари. Јас не мислам дека приоритет се парите, за разлика од моите други колеги. Парите ќе си дојдат со текот на времето, ако имаш квалитет, не сакам во животот да имам песни од кои ќе се срамам само поради тоа што сум прифатил да бидам нечиј роб затоа што ми ветил пари. Соработката со Тино се одвиваше одлично, но со текот на времето сфативме дека имаме премногу обврски и дека работиме сè освен нашата работа и за да не дојде до несакани ситуации, како што се договоривме да работиме, со даден збор и пуштена рака, така се договоривме и да не работиме. Како и да е, можноста за повторна соработка не е исклучена.

  • Пред да се појавиш на Идол, беше актуелен како дел од групата „Д стритс“ (The Streets), имавте настапи и во родната Битола, но и во Скопје. Како стојат работите со групата сега? Повеќе ќе се посветиш на соло кариерата или планирате некои заеднички проекти?

Да, тоа беа убави времиња, арно ама поминаа. Кога излегов од Идол, сите можни луѓе во шоу бизнисот ме бараа мене за соработка. Сите продукциски куќи, сите клубови, сите телевизии, сите што се јавија го бараа Виктор Апостоловски. Е Виктор, сите први понуди за договори што ги доби ги врати назад на поправка, за да не стои Виктор Апостоловски, туку да пишува The Streets, нешто за што ден денес моите колеги ми велат дека грешев. Како и да е, бендот сакаше да стане познат, што е нормално, но сакаа она што јас се мачев да го стекнам, да го добијат на тацна, без притоа ни да се поместат од дома. Тие беа свесни дека никој не го интересираше кој свири и како се вика бендот, само напред да пишува Виктор Апостоловски, па другото не беше битно, јасно им беше, арно ама бараа од својот другар да игнорира сè и наместо да оди нагоре па да ги повлечи, да оди контра и никој од нас да нема профит. И добро, направив сè што сакаа, одбивав договори, менував проценти, за на крај од дел од членовите да добијам нож во грб. Кога најмногу ми требаа нив ги немаше, наместо јас да бидам ѕвезда и да правам што сакам, тие беа ѕвезди, и тука пукна филмот и како што ја создадов, така и ја растурив групата. Помина некое време, дружбата со останатиот дел од бендот продолжи, па брат ми научи да свири бас гитара, пред некое време зедовме и нов клавијатурист, така што сега сме повторно активни, но под името Виктор и The Streets, поради добро научената лекција од претходно.

  • Некои од твоите колеги од Идол соработуваа или станаа ексклузивци на одредени музички продукции. Имаше ли ти понуди од таков тип? 

Како што напоменав претходно имав понуда од сите продукциски куќи, дури добивав и понуди од луѓе кои немаа продукција, туку едноставно имаа пари па во мене видоа шанса да ги зголемат. Имаше и од оние ново-печени менаџерчиња, кои исто така видоа шанса од водење на кафич да станат популарни и така, едно месец-два одев по ручеци и вечери, за на крај да ги запознаам сите и да сфатам како всушност се движат работите кај нас. Жално е што ни еден од моите колеги нема слобода да избери песна, стил, настап и сл. Иако велат дека имаат, јас тврдам, а можам и да докажам дека сите договори ги содржат истите точки и подточки, само се менува процентот и времетраењето на договорот, а во нив јасно пишува за што е задолжен изведувачот, а за што продукцијата. И тоа е онаа главна причина што ме натера да продолжам сам, слободата. Никој неможе да ме натера да пеам нешто што не сакам, ниту па да ме пушти да настапам таму каде што не сакам, ниту па да ми одреди цена, имам тотална слобода да правам што сакам, т.е. да си ги изразам своите чуства.

  • Ќе ни откриеш ли нешто повеќе за тоа што те инспирираше да ја напишеш „Не се предавам“?

„Не се предавам“ е инспирирана од мојот живот. Во неа се состои еден мал дел од она што јас досега сум го доживеал. Затоа и е повеќе во форма на рецитал, бидејќи кога човек сака да искажи некоја поголема приказна, неколку строфи со мелодија не се доволни. Има уште многу приказни за раскажување, така што ќе има уште многу песни на оваа тема.

  • Покрај вродениот талент за музика, ти си „поткован“ и со музичко образование. Студент си на ФМУ, а од пред неколку месеци и професор по соло пеење во приватно музичко училиште. Според тебе, колку големо значење има музичкото образование на еден изведувач? 

Зависи. Ако сакаш да си музикант, да пееш по кафани или клубови тогаш и не е толку битно, доволен ти е само талентот. Но ако сакаш музиката да ти биде професија т.е. да си музичар, тогаш школото е патот кон твојата цел. Тоа е единствениот начин да не си уште една марионетка на нашите менаџери, бидејќи кога си го знаеш занаетот, никој не може да те измами.

  • Изгледаш одлично! Како се грижиш за својот изглед?

Ти благодарам. Обично. Немам посебни ритуали, не одам по салони за убавина, не се шминкам, не одам на шопинг секој викенд, ниту месец, не мачкам кремчиња и слично. Едноставно ја оставам природата да си ја врши својата работа. Се хранам здраво, вежбам дома, а на мене сè што користам е нешто за коса ( восок, лак или гел) и тоа е тоа.

  • Си добил ли понуди за дует од некои од твоите колеги?

Сме разговарале на таа тема со доста од нив, но останало само на тоа. Има некои луѓе со кои би направил дует или би учествувал во нивна песна, меѓутоа има време, јас само што почнав и во моментов приоритет ми се моите песни, а понатаму да сме здрави и живи.

  • За разлика од другите Идоли, досега не си настапувал на фестивал. Има ли некој фестивал на кој би сакал да настапиш, имаш ли таков план во иднина?

Да сакав да настапам до сега ќе бев појавен на сите, арно ама, ниту имам желба, ниту па некаква корист од тоа. На пример моите дома сакаат да настапам на некој од фестивалите, но тоа е затоа што се растени во тие години кога фестивалите имале некакво значење, кога го имале својот сјај. А сега, фестивалите во нашата држава се само збир на кич и неорганизација, за која организаторите заработуваат дебели пари. Во нив владее плагијаторството, се купуваат првите места, преносите звучат како муабет на телефон, така што мислам дека на такви манифестации можам само да изгубам. Кога би настапувал на македонски фестивал, тоа би бил евровизискиот, не дека таму е нешто поразлично, ама сепак, ако победам имам шанса да излезам надвор од државава и да ја претставувам пред цела Европа.

  • За време на промоцијата најави дека до крајот на годината имаш во план да објавиш уште една песна. Ќе има ли наскоро доволно материјал за албум?

Па да, планирам ама дали планот ќе се оствари, ќе видиме. Инаку материјал за албум има, само треба да се сними и да се финализира, а тоа планирам да го завршам до крајот на пролетва.

  •  Каква музика слушаш приватно?  Кои ти се омилени изведувачи?

Приватно слушам сè, зависи од моментот. Моментално сум вратен малку на „олд скул“ сцената, на оние стари добри хитови во полето на  ар-ен-би, соул и хип-хоп. Во суштина не мразам ни еден стил, нема лоша музика, има само прашање на вкус. Не значи дека ако ти не слушаш некој стил, дека истиот не чини или не е музика. Штом некој школуван музиколог тоа го сместил во стил на музика, значи нештото мора да вреди инаку не би било таму.

  • Кои три песни би ги издвоил за омилени од македонската, балканската и светската сцена?

Е овие ми се најтешки прашања од сите: омилен филм, омилена песна и сл. Никогаш сум немал одговор, па немам ни сега. Како што кажав погоре, во различен момент, различно чуствувам, па така, различна трака ми лежи на душа.

  • Дали е Виктор вљубен? Имаш ли „поубава половина“?

Да, за прв пат во животот, да. Имам поубава половина и мислам дека народот доста добро ја знае. Се шушкаше, се мушкаше и на крајот бидна, ама ете бидејќи не сакаме да зборуваме еден за друг во јавност, за да не бидиме како оние јавни личности, изгорени да напишат нешто за нивниот љубовен живот, овде ќе го завршам одговорот.

  • Виктор, ти благодарам за времето што го одвои за нас. За крај, имаш ли нешто што сакаш да им кажеш на твоите фанови и читателите на РадиоМк?

Ви благодарам и Вам за поддршката. Сакам да им кажам дека и покрај тоа што сум заљубен, љубовта кон нив не се изменила, ги имам најдобрите фанови во државава, нека продолжат да бидат она што се и никогаш да не се предаваат.

Ивона Јанкова

 



Врати се горе ↑