Видео

20 јули, 2019

Виктор Апостоловски е „Крал“ на летото

Летото често инспирира бројни уметници да создаваат одлични дела, а на најтоплото годишно време не остана имун ни Виктор Апостоловски, кој штотуку го претстави својот нов сингл насловен едноставно „Крал“.

„Понесен од летните вибрации, некако добив инспирација да направам нешто такво, лесно и интересно… Седнав и за неколку часа беше снимена ’Крал’! Лесен регетон-ритам, лесен текст склопен природно на Викторски начин“, ни раскажа битолчанецот, чиј „Крал“ стигна во комплет со соодветно, летно видео.

„За спотот да биде така разигран морам да се заблагодарам на Катерина Стојковска од ’КаДенс’ и нејзините танчери и танчерки! Сè испадна спонтано и прекрасно и благодарен сум им до небо за прекрасната енергија! Исто така благодарност и до Мирослав Драганов – Миро, кој помогна во обединувањето на танчерите а и самиот зеде учество, што е уште поубаво… Може и пак ќе бидам спомнат во негова книга“, додаде Виктор, заблагодарувајќи им се и на неговиот долгогодишен другар Огнен Димовски, Дамир Пух и Наташа Михајловска за асистенцијата при снимањето на кадрите.

Новиот „Крал“ е прва песна после материјалот од вториот студиски албум „Во срцето, промовиран годинава на неговиот роденден (12 февруари), а интересно е дека неколку стихови се отпеани на шпански јазик, што заедно со заразниот ритам одлично се вклопува во популарната латино-треска, но на македонски начин!

Веќе во октомври, Виктор ќе го слушнеме со уште една нова песна што ќе ја отпее на годинашното, 34. издание на фестивалот „Макфест“за која не сакаше да открива многу детали, освен дека станува збор за моќна балада, каква што не направил досега. Во меѓувреме, цело лето можеме да уживаме со неговиот нов летен хит „Крал“, кој можете да го слушнете и видите во продолжение!

И.Ј.

 



Врати се горе ↑