Свет

8 април, 2019

Викенд, Тревис Скот и Сиза ќе снимат песна за „Игра на тронови“

Канадската ѕвезда Викенд и неговите американски колеги Тревис Скот и Сиза ќе снимат нова песна за осмата и последна сезона од популарната серија „Игра на тронови“, пренесуваат американските медиуми. Имено, според извори блиски на серијата, тимот на „Игра на тронови“ побарал од Викенд да сними нова песна, а потоа тој ги поканил и Скот и Сиза да му се придружат на проектот.

Иако информацијата сè уште не е официјално потврдена, гласини се шират веќе неколку месеци, па дали ќе слушнеме нешто од нив во оваа последна сезона на хит-серијата, ќе дознаеме наскоро. Официјалната премиера на осмата сезона на „Игра на тронови“ се одржа минатата недела во Њујорк, каде што актерската екипа се собра на црвениот килим за последен пат, а нетрпеливите гледачи ќе имаат можност да ги проследат последните епизоди од 14 април на „Ејч-би-оу“.

 

Викенд зад себе има повеќе песни снимени за потребите на повеќе филмови, како што е за Оскар номинираната „Earned It“ од „50 нијанси сиво“, со која можеби најмногу се прослави ширум светот, а тука е и „Pray For Me“ за „Црниот пантер“, снимена во соработка со колегата Кендрик Ламар. Канадскиот музичар со потекло од Етиопија го подготвува и своето ново, четврто по ред студиско издание што ќе го наследи мошне успешниот „Starboy“ (2016), а ќе го носи насловот „Chapter Six“. Повеќе детали се очекуваат наскоро.



Врати се горе ↑