Свет

4 април, 2019

Викенд обвинет за плагијаризам од тројца британски автори

Канадската ѕвезда Викенд се соочува со обвинение дека украл песна од тројца британски автори. Имено, Вилијам Смит, Брајан Кловер и Скот МекКалок тврдат дека музичарот ја копирал нивната песна „I Need To Love“, која се обидувале да ја продадат ширум светот во 2004 и во 2005 година.

Тие велат дека  компанијата „Јуниврзал мјузик“ ги презела правата врз нивните песни во 2008, но истите им биле вратени во 2016 година. Само неколку недели подоцна, Викенд ја објавил „A Lonely Night“, па тие веднаш ги забележале сличностите меѓу двете песни.

 

Триото уште минатата година се заканило дека ќе започне постапка против пејачот, а според британските медиуми, веќе се појавиле документи што го потврдуваат почетокот на судската битка. Авторите наводно бараат засега неутврдена оштета, 15.000 долари за секое прекршување на авторските права и форензичка истрага за да се утврди колку им се должи.

„A Lonely Night“ е сместена на мошне успешниот и со Греми награден албум „Starboy“, кој Викенд го претстави во 2016 година. Музичарот веќе работи и на своето четврто студиско издание насловено „Chapter Six“, а во јануари годинава ги здружи силите со својот француски колега Гесафелстин за темата „Lost In Fire“.



Врати се горе ↑