Свет 1455401699_882593_1455401980_noticia_normal

15 февруари, 2016

Викенд ја напишал „In the Night“ во спалната на Мерилин Монро

За само една година, канадскиот музичар со потекло од Етиопија, Абел Тесфеј, односно Викенд стана едно од најпопуларните имиња на светската музичка сцена, сето тоа благодарение на хитовите како што се „I Can’t Feel My Face“, „The Hills“, „Earned It“ од филмот „50 нијанси сиво“ и други. И покрај тоа што зад себе ги има албумите „Trilogy“ (2012) и „Kiss Land“ (2013), актуелното издание „Beauty Behind The Madness“ му донесе светска слава, како и 7 номинации за Греми, 1 номинација за БРИТ наградите и, секако, номинацијата за Оскар.

По повод претстојното доделување на Греми наградите, екипата што работеше на овој албум откри детали околу инспирацијата и околностите за снимањето на материјалот, а особено интересна е приказната за синглот In The Night.

 „Студиото на Макс Мартин е всушност старата куќа на Мерилин Монро, а до идејата за оваа песна дојдов кога бев во нејзината спална соба“, вели Викенд, кој утре ќе наполни 26 години.

„Првата песна што ја направивме беше ’In The Night’. Зборувавме за Мајкл Џексон, сакавме да направиме нешто како ’The Way You Make Me Feel’“, додава Саван Котеча, еден од продуцентите на албумот.

„’In The Night’ можеше да биде уште една ода за нападните девојки, како што е ’Dirty Diana’, сè додека не сфатиме дека девојката во песната е всушност жртва на злоупотреба“, напиша „Ролинг стоун“ за оваа песна, чија екранизација е вистинска филмска приказна.

 

За својата најголема инспирација, Мајкл Џексон, музичарот зборуваше и во неодамнешно интервју за „Лос Анџелес тајмс“. „Мајкл беше вистинска ѕвезда. Тој ги измисли ѕвездите. Никогаш нема да има друг Мајкл. Сакам да разјаснам дека не се обидувам да бидам Мајкл. Тој ми е сè, па тоа ќе го забележите во мојата музика. ’Off the Wall’ беше албумот што ме инспирираше да запеам“, рече пејачот, кој за својот идол зборуваше и во новиот документарен филм за кралот на поп музиката.

Тој исто така откри дека веќе работи на нов материјал, а со колку златни грамофони ќе замине дома, ќе дознаеме вечерва, односно утре.



Врати се горе ↑