Настани BalPlakat2015

6 март, 2015

„Виенски бал 2015“ – легендарниот културен дух на Виена, повторно во Скопје!

На 21 март, во хотелот „Александар Палас“, традиционално, по 16. пат ќе се одржи Виенскиот бал во Скопје, во организација на здружението за културна соработка „Јохан Штраус”, а под покровителство на амбасадата на Република Австрија во Македонија. Шеснаесет години Скопје е една од привилегираните метрополи во светот што имаат свој Виенски бал.

Виенскиот бал во Скопје е традиционална културно-музичка манифестација што ја потврдува македонско-австриската сорботка на полето  на културата и уметноста. Врвни  уметнички имиња од нашата земја и музиката на легендарната династија Штраус, прават оригинален спој на културите на двете држави. Гостите на Балот ќе се дружат со виенскиот валцер, со екстравагантноста на Штраус музиката, со уметноста во која се чувствува легендарниот музички дух на Виена.

Како и секоја година, дрес-кодот на балот е задолжителен: долги тоалети за дамите и смокинг или темен костум за господата. Музика, танц, забава !  Toa e концептот на оваа авангардна манифестација. Вечерта, на 21 март ќе се танцува на валцери, ќе се пеат евергрини и хит рефрени,  сите присутни ќе уживаат во настапите на стотина врвни уметници.

Оркестарот Јохан Штраус – триесет професионални музичари, инструменталисти ќе музицираат под диригенство на маестро Саша Николовски – Ѓумар. Грациозните танчери на танцовиот клуб „Прима данца“ ќе ја забавуваат публиката со атрактивни танцови точки.

Гостите ќе имаат можност да уживаат во настапот на маестралниот Џон Илија Апелгрен. За добрата атмосфера ќе се погрижи и инспиративниот Петар Ренџов, како и бендот „Свингерси“. Ќе настапат и првенците на Балетот при МОБ – Марија Кичевска и Бобан Ковачевски.

 Водител на Виенскиот бал во Скопје ќе биде Јована Стојменовиќ.



Врати се горе ↑