Свет Vienna2015_logo

7 август, 2014

Виена ќе биде домаќин на „Евровизија 2015“

По подолг процес да се пронајде најдобрата локација, австриската радиодифузија ОРФ ја избра Виена да биде град-домаќин на јубилејното 60-то издание на Евровизија кое следната година ќе се одржи на 19, 21 и 23 мај. Изборот беше одобрен и од Европската Радиодифузна Унија. „Виена е град на музиката и уметноста во срцето на Европа. Заедно ќе направиме сè што е потребно за да имаме успешен 60-ти избор на песна на Евровизија“, изјави генералниот директор на ОРФ, Александар Врабец.

„Многу сме задоволни со одлуката на ОРФ што ја ибра Виена да биде град-домаќин на следната Евровизија“, изјави Јон Ола Санд во име на ЕБУ: „Уверени сме дека градот го има искуството, луѓето и условите кои се потребни за да биде домаќин на светски познатиот музички настан. Со соработката помеѓу Виена, ОРФ и ЕБУ, сигурен сум дека во мај ќе имаме три одлични вечери.“

„Евровизија 2015“ ќе се одржи во Wiener Stadthalle (Виенската градска хала) која има капацитет за 16 илјади гледачи. Сè уште не се познати имињата на водителите, меѓутоа, во моментов името на минатогодишната победничка Кончита Вурст е единственото кое се споменува во официјалните кругови и во ЛГБТ заедницата. По 1957 година, Виена по втор пат ќе го организира изборот за песна на Евровизија, кој минатата година во текот на трите вечери во Копенхаген го следеле 195 милиони гледачи ширум светот.

Како што пренесува Eurovision.tv, во хотелите во Виена веќе се резервирани голем број соби за делегати, новинари и фанови. Листата на земји учеснички за следната година ќе бида објавена на почетокот на јануари. Како што е веќе познато, Македонија ќе учествува и следната година, а билетот за Виена ќе го добие победникот на претстојниот Скопски фестивал кој ќе се одржи на 13 ноември.

Извор и фотографија: eurovision.tv



Врати се горе ↑