Видео esma-lozano-evrosong

16 март, 2013

Видео: Ова е евровизиската песна од Македонија

„Пред да се раздени“ е името на песната што ќе нè претставува на овогодинешниот Евросонг. Новата песна е дело на Лазар Цветкoски и Дарко Димитров, аранжманот го направи Дарко Димитров, а текстот е на Магдалена Цветкоска – Ена, додека зад делот на Есма, како комплетен автор стои Симеон Атанасов.

„Направен е спој што до максимум ги извлекува вокалните можности на Есма и Лозано. Оваа песна е модерна со примеси на ромска музика по која Есма е насекаде во светот препознатлива како уметник. На овој начин се спојуваат два различни стилови во еден производ достоен за наше претставување на Евросонг. Името на Есма, нејзиниот квалитет во изведувањето на ромската музика познат во светски рамки, со одличниот вокал на извонредниот Лозаноски ќе биде одличен начин за наше претставување во Малме“ – истакна Љупчо Мирковски, шеф на делегацијата за Малме од МТВ. 

Овогодишниот музички натпревар за Евровизија ќе се случува во третиот град по големина во Шведска, Малме. Евровизискиот избор ќе се одржи на 14-ти, 16-ти и 18-ти мај во мултифункционалната Арена Малме која има капацитет за 15 000 гледачи концерти и 13 000 за спортски натпревари. На 58 по ред издание на Еврвизија, музичките сили и гласовните способности ќе ги измерат 39 земји од Европа. Нашите претставници, Влатко Лозаноски и Есма Реџепова ќе настапат на втората полуфинална вечер.

„Верувам во „Пред да се раздени“. Во песната максимално доаѓаат до израз моите и вокалните способности на Есма и сигурен сум дека одлично ќе ја претставиме Македонија во Шведска. Во наредниот период ќе бидеме сконцентрирани на осмислување на сценскиот настап и на нашата изведба таму“ – изјавува Лозано.

„Како докажан профсионалец, и познвач на правилата на ЕБУ, целосно се согласувам со одлуката на МРТ за промена на песната, што го гледам како нејзино право, кое ѝ е овозможено со закон. Беше почитувана желбата на граѓаните на Македонија и по нивна сугестија се прифати нова песна. И мене лично многу ми значи мислењето на мојот народ, затоа што овој ист народ е заслужен што јас сум денес големо име. Песната е спој на модерното и традиционалното, по мое мислење, нешто што ќе ја запали Европа. Очекувам добар пласман и голем успех за Македонија“ – вели Есма.

Македонската верзија на песната која го носи насловот „Пред да се раздени“, гледачите имаа можност да ја слушнат вчера, 15.03.2013, во Дневникот, во 19:30 часот. За прв пат во историјата на Македонската радио телевизија се направи целосна промена на евровизиската песна, а сето тоа се должи на острите критики кои ги упати македонската јавност. Од националниот сервис тврдат дека изборот за песна треба првенствено и единстено да ѝ припадне на широката јавност и поради тоа се одлучиле на таков драстичен чекор, комплетно променета и целосно нова песна.

 



Врати се горе ↑