Видео jd-xfuk

31 август, 2015

ВИДЕО: Момчето што го расплака Сајмон Кауел

Викендов во Велика Британија започна да се емитува дванаесеттата сезона од популарниот музички натпревар „Х фактор“, а дека интересот токму за оваа верзија е најголем докажува и фактот што повторно се пријавиле кандидати и надвор од Обединетото Кралство. На четирите столчиња во улога на жири овој пат седнаа познатиот менаџер и творец на проектот – Сајмон Кауел, пејачките Шерил Фернандез-Версини и Рита Ора, а како освежување во составот дојде популарниот музички новинар и водител во Би-би-си Радио 1, Ник Гримшо, додека долгогодишниот водител и заштитен знак на натпреварот, Дермот О’Лири го замени една од најуспешните ѕвезди на „Х фактор“, шармантниот Оли Мрс.

Во првите две епизоди од сезоната беа прикажани мошне интересни аудиции, но секако дека највпечатлива е онаа на 21-годишниот Џош Даниел, кој веројатно е првиот кандидат што успеа да го расплаче озлогласениот Кауел. Имено, пред самиот настап, младиот автомеханичар откри дека песната „Jealous“ од Лабринт му ја посветува на изгубениот пријател.

„Го изгубив мојот најдобар пријател пред две години и тешко ја поднесов загубата… Стиховите на оваа песна велат ’Љубоморен сум што си среќна без мене’, но за мене тоа има поинакво значење, односно дека сега е среќен и на подобро место, а јас не можам да бидам со него…“ објасни талентираното момче, кое со емотивната изведба измами солзи кај Кауел, чија мајка почина непосредно пред почетокот на снимањето на аудициите.

По гласањето, Кауел замина без зборови и со солзи во очите, а како изгледаше сето тоа можете да погледнете во продолжение…

 

Покрај оваа аудиција, надежни натпреварувачи се и 25-годишната рецепционерка Лорен Мари, 49-годишната Џенифер Филипс, како и групата „Форт пауер“ (4th Power), составена од четири сестри од Филипините, кои имаа желба да го покажат својот талент токму пред Сајмон. Нивните аудиции погледнете ги во продолжение, а останатите можете да ги прегледате на официјалниот канал на Јутјуб.

И.Ј.



Врати се горе ↑