21 ноември, 2015

Видео: Кога Адел не беше Адел

Вчера, по повод објавувањето на долгоочекуваниот нов албум на Адел, во Велика Британија на Би-би-си се емитуваше специјална емисија со популарната пејачка, каде што зборуваше за нејзиното ново издание и ги отпеа своите најголеми хитови. Заедно со водителот Греам Нортон, ѕвездата реши да се пошегува и да ги изненади пејачките кои ја имитираат. Имено, таа се појави на аудицијата за најдобри имитаторки, маскирајќи се во дадилката Џени. За да не ја препознаат, таа стави вештачки нос и вештачка брада, па ниту една од имитаторките не претпостави дека токму таа е вистинската Адел сè додека не запеа. Како изгледаше сето тоа можете да погледнете горе.

Инаку, долгоочекуваното издание „25“ е на пат да постави нов рекорд на официјалната албумска листа во Велика Британија бидејќи за само 24 часа од објавувањето беше продадено во преку 300.000 примероци, со што има можност да стане албум со најголема продажба во првата недела. Како што пишува на „Офишал чартс компани“, досега само две изданија биле продадени во повеќе од 500.000 примероци во првата недела од објавувањето, а тоа се „Progress“ од „Тејк дет“, кое се продаде во 518.601 примерок во првата недела во ноември 2010 година и актуелниот шампион во оваа категорија – „Be Here Now“ од „Оејзис“, кој  во август 1997 година за само една недела беше продаден во 695.761 примерок.

Што се однесува на хитот „Hello“, после три недели поминати на врвот на британската сингл листа, неделава падна на второто место, отстапувајќи му ја првата позиција на актуелниот хит на Џастин Бибер – „Sorry“, додека третото место упешно го држи минатогодишната вицешампионка на британскиот „Х фактор“, Флер Ист со деби синглот Sax.



Врати се горе ↑