Настани 24072452-c095-4a05-ad70-104c0a713140

12 јануари, 2016

Вевчанскиот карневал е подготвен за големата и уникатна василичарската прослава

Во Вевчани започнува големата прослава за одбележување на празникот Василица, познат и како Стара нова година, во чии рамки традиционално се одржува и светски реномираниот фестивал на сатирата „ВЕВЧАНСКИ КАРНЕВАЛ! Годинава во рамките на оваа манифестација која ќе се одвива сѐ до 14 јануари, повторно нѐ очекува еден од најстарите фестивали под маски, надополнет со атрактивната и богата дводневна музичка програма. Музичката програма на „ВЕВЧАНСКИ КАРНЕВАЛ 2016“ започнува вечерва (вторник, 12 јануари), а ќе се одржува и утре (среда, 13 јануари) со посебно подготвениот дочек на Старата нова година, кој ќе биде одбележан и со голем огномет.

Вечерва, програмата за големата василичарска прослава ќе има чест да ја отвори популарниот македонски изведувач СЛАТКАРИСТИКА, а по неговиот настап на сцената во Вевчани ќе го пречекаме и еден од најпопуларните регионални бендови „С.А.Р.С.“ кои гарантира незаборавна забава на ВЕВЧАНСКИОТ КАРНЕВАЛ, како и групата „БРАС БРАДРС“ од Македонија.

Веќе утре (среда, 13 јануари) ќе имаме задоволство да ја проследиме најголемата атракција и изненадување на Вевчанскиот каневал, резервирани со карневалската поворка и василичарите кои своите маски до последен момент ги чуваат во најстрога тајност. Со големото василичарско дефиле Вевчани и секоја негова улица ќе се претворат во најуникатниот и единствен уличен театар без режија. Во вечерните часови пак, во рамки на музичката програма, сцената во Вевчани е резервирана за ѕвездите на македонската народна музика: ЕСМА РЕЏЕПОВА и НАУМ ПЕТРЕСКИ, како и групата „ИНФУЗИЈА“ и „ПЕРО БЕЛИ“.

Една од најголемите културни знаменитости во нашата земја, Вевчанскиот карневал е подготвен да ги пречека бројните посетители во Вевчани сето завиено во својот автентичен и мистичен дух и со специфичната порака со која вевчанци ја испраќаат изминатата година и ја пречекуваат новата, подобра година со желба таа да биде покретивна, поубава и побериќетна.

Карневалот во Вевчани е една од најпознатите карневалски манифестации на Балканот која се негува со векови и кој според своите специфични особини се одвојува од сите останати настани од овој тип во светот поради неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски. ВЕВЧАНСКИ КАРНЕВАЛ се одржува за време на василичарските празнувања под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија.

Пасошите се подготвени и ве очекуваме во Вевчани на најголемото василичарско доживување!

ПРОГРАМА НА ВЕВЧАНСКИ КАРНЕВАЛ 2016.

Датум: 12.1.2016 – вторник
21.30 часот: Музичка програма (Концерти на СЛАТКАРИСТИКА, S.A.R.S. и BRASS BROTHERS)

Датум: 13.1.2016 – среда
13.00 часот: Почеток на церемонијата
14.00 часот: Поворка на карневалот
21.30 часот: Музичка програма (концерти на ЕСМА РЕЏЕПОВА, НАУМ ПЕТРЕСКИ и ИНФУЗИЈА + Перо Бели)

Датум: 14.1.2016 – четврток
02.00 часот: одење на Вевчанските извори
14.00 часот: Палење на маските



Врати се горе ↑