Настани 5d2c44dc-c995-4bf7-9db0-798861920cb9

4 јануари, 2017

„Вевчански карневал“ е подготвен за повеќедневно уникатно василичарско доживување

На самиот почеток од Новата 2017 година во Вевчани нè очекува една од најголемите и најуникатни културни знаменитости во нашата земја – ВЕВЧАНСКИ КАРНЕВАЛ. Настанот кој се случува само еднаш во годината и кој го слави доаѓањето на Новата година според стариот календар и годинава ќе се одржи со уникатната карневалска поворка благодарение на која оваа манифестација важи за најголемиот европски фестивал на сатирата, но и со богата дополнителна и музичка програма со која на најдобар начин се доловува единствениот спој меѓу паганскиот и современиот начин на прослава.

Програмата на „Вевчански карневал 2017“ ќе се одвива од 10 јануари до 14 јануари. Во рамките на програмата ќе бидат одржани повеќе свечености, промоции, перформанси, концерти на познати музички групи и секако традиционалната карневалска поворка која ќе финишира со традиционалното палење на маските на 14 јануари, со што и официјално ќе биде затворено и ова издание на Вевчанскиот карневал.

Манифестацијата веќе ја потврди и главната музичка програма кој ќе се одржи на 12 и 13 јануари, а која пред посетителите ќе ги претстави настапите на повеќе значајни музички имиња од земјава и регионот. За најпозитивната атмосфера во Вевчани на 12 јануари се задолжени едни од најпознатите и најполуларни македонски музички групи, „НОКАУТ“ и „ДНК“, како и гостите од Србија, извонредната женска музичка атракција „ФРАЈЛЕ“. На 13 јануари пак, кога воедно е и дочекот на старата Нова година, пред посетителите на ВЕВЧАНСКИ КАРНЕВАЛ ќе настапат ѕвездите на македонската фолклорна музика ЕФТО ПУПИНОВСКИ и АНЕТА НАКОВСКА.

Најголемата атракција и изненадување на Вевчанскиот каневал се секако резервирани со карневалската поворка и василичарите кои своите маски до последен момент ги чуваат во најстрога тајност, а единствената информација која ја дознаваме пред одржувањето на карневалот е дека годинава нѐ очекува карневалска поворка со повеќе од 1.000 маски. Големото василичарско дефиле со кое Вевчани и секоја негова улица ќе се претворат во најуникатниот и единствен уличен театар без режија ќе се одржи на 13 јануари.

ПРОГРАМА за Карневалските свечености „ВАСИЛИЧАРИ 2017“

Датум: 10 ЈАНУАРИ 2017 (вторник)

17.00 часот:
ТРИБИНА на тема
„Перспективите на руралниот туризам во република Македонија со осврт на општина Вевчани“
Локација: Клуб на пензионери
Предавач: проф. д-р Никола Панов,
член на Академијата на убави уметности Вевчани

Датум: 11 ЈАНУАРИ 2017 (среда)

18.00 часот:
ПРОМОЦИЈА на романот „Пред шарени врати“ од Косте Шутиноски
Локација: Клуб на пензионери
Датум: 12 јануари (четврток)

12.00 часот: ОТВОРАЊЕ НА ИЗЛОЖБАТА со слики
од Ниче Василев, академски сликар
Локација: Клуб на пензионери

21.00 часот: Музичка програма
Концерти на ФРАЈЛЕ, НОКАУТ и ДНК

Датум: 13 ЈАНУАРИ (петок)

13.00 часот: Почеток на Церемонијата
14.00 часот: Поворка на Карневалот

21.00 часот: Музичка програма
Концерти на ЕФТО ПУПИНОСКИ и АНЕТА НАКОВСКА

Датум: 14 ЈАНУАРИ (сабота)

02.00 часот: одење на Вевчанските извори
14.00 часот: Палење на маските

Една од најголемите културни знаменитости во нашата земја, Вевчанскиот карневал е подготвен да ги пречека бројните посетители во Вевчани сето завиено во својот автентичен и мистичен дух и секако со специфичната порака со која вевчанци ја испраќаат изминатата година и ја пречекуваат новата, подобра година со желба таа да биде покретивна, поубава и побериќетна. Општина Вевчани ви посакува среќна Нова година и ве очекува заедно да ја прославиме старата Нова година и Василица на Вевчанскиот карневал – настанот кој секоја година го посетуваат повеќе од 50.000 луѓе од земјава и странство кои уживаат во повеќедневната програма на фестивалот.

Вевчани со својата и онака специфична локација во прекрасното природно опкружување, за време на овој настан со секој свој дел прераснува во голема отворена сцена подготвена да ги пречека илјадниците посетители на карневалот познат ширум светот по неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски. Карневалот во Вевчани е една од најпознатите карневалски манифестации на Балканот која според своите специфични особини се одвојува од останатите во светот поради својата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски. И годинава оваа манифестација која на најоригинален начин ја негува исконската традиција се одржува за време на василичарските празнувања под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија.

Пасошите се подготвени и ве очекуваме во Василичарска Република Вевчани на најголемото карневалско доживување!



Врати се горе ↑