Настани 819dc093-d225-412f-ade0-4da088a6f893

30 декември, 2014

„Вевчански карневал 2015“ со уникатно и магично повеќедневно доживување

На самиот почеток од Новата 2015 година, во Вевчани нè очекува една од најголемите и најуникатни културни знаменитости во нашата земја, ВЕВЧАНСКИОТ КАРНЕВАЛ. Настанот, кој се случува само еднаш во годината и кој го слави доаѓањето на Новата година според стариот календар, во 2015 година ќе се одржи со богата програма внимателно селектирана за на најдобар начин да го долови уникатниот спој меѓу паганскиот и современиот начин на прослава.

Во 2015 година програмата на Вевчанскиот карневал ќе се одвива од 9 јануари до 14 јануари. Во рамки на програмата ќе бидат одржани повеќе свечености, промоции, перформанси, концерти на познати музички групи и секако традиционалната карневалска поворка која ќе финишира со традиционалното палење на маските на 14 јануари, со што и официјално ќе биде затворен Вевчанскиот карневал.

Манифестацијата веќе ја потврди главната музичка програма кој ќе се одржи на 12 и 13 јануари, а која пред посетителите ќе ги претстави настапите на повеќе значајни музички имиња од земјава и регионот.

На 12 јануари во рамките на оваа програма во Вевчани со концерт ќе гостува „СУПЕРХИКС, нашата најактивна банда инструментале која е позната по енергичните и еуфорични настапи и е веќе докажан бенд кој гарантира секојпат ново концертно лудило. Покрај нив, задоволство ни е на претстојното издание на Вевчански карневал да ги пречекаме и регионалните музички ѕвезди, хрватскиот легендарен бенд „ПРЉАВО КАЗАЛИШТЕ“ кои неодамна во анкетата на хрватската телевизија „РТЛ“, се најдоа и во листата со најдобри хрватски песни на сите времиња. Овој бенд зад себе има огромна фан база низ целиот Балкан и може да се пофали со дури 18 студиски изданија, а во Вевчани пред карневалската публика ќе ги претстави бројните безвременски хитови и најпознати композиции од нивниот опус.

На 13 јануари музичката програма на Вевчански карневал ќе ја предводи музичкото име кое на најдобар начин го негува традиционалниот македонски звук, групата „ЉУБОЈНА брас фантази“. Во овој состав групата е актуелна со концертите насловени „Музика на дланка“ со кои на секое свое гостување и настап ја восхитуваат публиката. На нив Вера Милошевска Јосифовска и Оливер Јосифовски, со тајфата бројни соработници, правејќи пресек на досегашното музичко творештво, на извонреден начин успеваат да ја одведат публиката до срцевината и сончевината на македонскиот музички јазик. Покрај „Љубојна брас фантази“ оваа вечер гостите на Вевчанскиот карневал ќе ги забавува и една од најактуелните и популарни македонски фолк пејачки, сексапилната ЕЛЕНА ВЕЛЕВСКА.

Но тука не завршува понудата на манифестацијата на која исто така предвидени се и трибини, како и настап на КУД „Дримкол“ во чии рамки постои и патувачкиот театар, додека старата нова година ќе ја дочекаме и со богат огномет.

Наскоро очекувајте ги сите детали за богатата програма на овогодинешното издание на Вевчанскиот карневал.

Општина Вевчани ви посакува среќна Нова година и ве очекува на самиот почеток од 2015 година заедно да ја прославиме старата Нова година и Василица на Вевчанскиот карневал – настанот кој секоја година го посетуваат повеќе од 50.000 луѓе дневно од земјава и странство и уживаат во програмата на фестивалот.

Вевчани со својата и онака специфична локација во прекрасното природно опкружување, за време на овој настан со секој свој дел прераснува во голема отворена сцена подготвена да ги пречека илјадниците посетители на карневалот познат ширум светот по неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски.

Карневалот во Вевчани е една од најпознатите карневалски манифестации на Балканот која се негува повеќе од  1.400 години и кој се одржува за време на василичарските празнувања под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија, а генерален спонзор е Т-Мобиле.



Врати се горе ↑