Настани e98ae3cf-b587-4953-94aa-d49dd691dfc0

14 ноември, 2014

„Верка“, „Репетитор“, „Хај контрол“ и „Лоши деца“ гостуваат на „Лузер фест“

„Лузер фест“, покрај десетте финалисти кои на 29 ноември ќе настапат во „МКЦ“ во Скопје, како поддршка на младите бендови ги најавува настапите на специјалните гости на фестивалот. Станува збор за денес успешни беднови од Македонија и Србија, но кои својата кариера ја започнале токму како дел од „Лузер фест“ или слични манифестации во регионот. Повеќечасовното доживување на „Лузер фест“ го добива своето засилување со гостувањето на еден од најдобрите метал бендови во Македонија „ВЕРКА“, истакнатиот пост-панк бенд „РЕПЕТИТОР“ од Србија, алтернативниот тетовски состав „ХАЈ КОНТРОЛ“ и бунтовниот панк бенд „ЛОШИ ДЕЦА“ од Скопје.

ВЕРКА“ е метал бенд, формиран во Делчево кон крајот на 90-тите, кој веднаш го привлече вниманието на публиката со својата уникатна ритмички интензивна метал музика спакувана со звуците на традиционалните инструменти. Во 2001 година групата го направи својот пробив на музичката сцена како победник на „Лузер фест“, а наредната година го издаде своето ЕП демо („Cor Cordis“). Година дена подоцна (2003) беше објавен и нивниот деби албум „Jaggah . По објавувањето на овој албум, момците од бендот се вовлекуваат во долгогодишна ненамерна пауза. До нивното следно студиско издание, поминуваат 8 години, но по оваа пауза во 2010 година бендот се враќа со поголема музичка моќ и зрелост. Својот втор албум „Моторни песни (2010), групата го најави со спотот за песната „Огин“, а албумот на „Канал 103“ беше изгласан за најдобар македонски албум за таа година. Во октомври годинава бендот го промовираше и својот нов албум насловен „WERK.A“ кој ќе имаме можност да го чуеме во живо и на нивниот настап како гости на „Лузер фест“. За музичката критика кај нас, „Верка“ е „еден од најинвентивните рок-бендови во последната деценија на македонската сцена“, а универзален е впечатокот дека токму настапите во живо се најмоќното оружје на овој бенд.

 

Гараж пост-панк триото Репетитор е еден од најистакнатите млади бендови од балканскиот регион. Групата своите први настапи во живо ги започна во 2006 година, а веќе следната година учествуваше на фестивалот „Арт&Мјузик“ во Пула, каде што го освои првото место со гласовите од жирито и публиката. Со нивните албуми „Све што видим је први пут“ и „Добродошли на океан“, тие се искачија на врвот на топ-листите и собраа екстремно позитивни критики, а со енергичните концерти за кратко време драстично ja проширија својата фан-база. „Репетитор“ одржа стотици концерти низ целиот Балкан, Холандија, Италија, како и на повеќето регионални фестивали (Зигет, Егзит, Теранео, Хартера, Рокај, Лент). Бендот посветено го изгради својот препознатлив звук, спој на тврд рокенрол, пост-панк и сѐ помеѓу. Тешко е да се најде директното влијание на „Репетитор“, но внимателен слушател би препознал сличности со различни бендови, како „Мадхани“, „Шарло акробата“, „Соник јут“, „Пиксис“ и „Нирвана“, па сѐ до „Блек сабат“ или „Суисајд“. Ваков крос-жанр може отпрво да звучи непомирливо, но „Репетитор“ го прави сето тоа со леснотија и со сонично искуство чија пријатност тешко се надминува.

 

Хај контрол“ (HIGH CONTROL) е алтернативен бенд од Тетово оформен во 2005 година, но својот прв официјален настап групата го има во 2008 година на тогаш преименуваат „Винер фест“, каде што во конкуренција на 60 бендови се пласираа помеѓу осумте најдобри. Подоцна настапија и на „Тотал демо фест“ од каде замина како победници и како награда го добија снимањето на албумот „In Every Way“. Признанието за нивната квалитетна работа  по оваа победа дојде и од „Егзит“ фестивалот, каде што настапија на јубилејното десеттото издание, додека веќе следната година беа дел од реномираниот „Фјужн стејџ“ на овој фестивал.  Бендот денес настапува  во голем број клубови и фестивали во Македонија, а по објавувањето на вториот албум „Report“ (2011), во јуни годинава го промовираше и својот нов, трет студиски албум насловен „Спомени“.

 

Лоши деца“ е бенд формиран во 1997/1998 година под името „Солунски атентатори“ и под влијание на бендовите од англиската „OI!-Punk“ сцена.  Дури во 2000. година се случува нивниот прв настап за потоа да следи и промена на името од во „Лоши Деца“. Во 2003. година бендот го издава и својот прв студиски албум под наслов “Начин на живот” како награда за победата на „Лузер фест 03“ (одржан во рамките на Таксират фестивал таа година) од кои излегоа песните „Работник во трета смена“, „Жута минута“, „Живееш ти“, „Нема да се смениме“. По првиот албум следат настапи и со познати панк бендови како „Тој Долс“, „УК Субс“ и многу друи. „Лоши деца“ во 2013 година се вратија активно на сцената со својот втор албум „Борбата продолжува“ кој го промовираа на „ПИН“ конференцијата во Скопје, а лани со својот настап го отворија јубилејниот 15-ти по ред Таксират фестивал.

 

Како традиционален предвесник на главната фестивалска вечер на „Таксират“, по пауза од неколку години „Лузер фест“ годинава повторно ќе се одржи на 29 ноември во Младинскиот културен центар во Скопје. Десетте финалисти на ова издание на „Лузер Фест“ се: AMBER VIRGA, CORTEX, CUTTING EDGE, KOLT, PROBLEM SOLVED, PROJECT 2501, THE PROTAGONIST, SKOPJE CREW (SKC), THE AUTHOR и TV RAGE.

Влезниците за „Лузер фест“ 2014 ќе се продаваат на денот на одржувањето, на билетарата на МКЦ, по симболична цена од 100 денари.



Врати се горе ↑