Интервју Venera Lumani

2 февруари, 2013

Венера Љумани: Очекував победа на „Гласот на Албанија“!

Стружанката Венера Љумани ја освои титулата „Гласот на Албанија“. Венера студира на музичката академија во Скопје, вели дека во Албанија на музички план се вложува многу, за разлика од тука, и дека победата ѝ донела неколку контакти со различни продуценти надвор од Македонија.

Како се случи да се пријавиш на музичкото шоу „Воис“ во Албанија?

Сè се случи сосема природно. Една вечер видов на телевизија дека ќе има нова едиција на „Гласот на Албанија“ и имајќи предвид дека тоа е сериозен и многу професионален спектакл, одлучив да учествувам и да ги покажам моите знаења и умешности.

Очекуваше ли победа?

Да бидам искрена, да не очекував, немаше ни да конкурирам.

Што ти се смени по победата?

Се сменија многу работи. Луѓето те сфаќаат многу сериозно, бескрајно те почитуваат и те сакаат, ти се восхитуваат, ти викаат „се гордееме со тебе“, ти си ни симбол на Струга и Македонија, и низа други убави работи, особено на музички и уметнички план. Тоа навистина не може да се опише со зборови.

По потекло си од Струга, а во Скопје студираш на музичката академија. Колку често патуваш во Струга? Каде си го гледаш домот?

Во последно време сè помалку сум во Струга, сè се движи околу Скопје и Тирана. Како резиме на сето тоа би можела да кажам дека ги обожавам Струга и Тирана, ама си го сакам и Скопје.

Дали некогаш си се пријавила на македонски избор за таленти?

Да. Се пријавив на „Њу старс“Целофан продукција, предводени од прекрасни луѓе како Стево и Цеки, каде што ја освоив првата награда од стручното жири и гласовите од публиката.

Соработуваш ли и со македонските продукции и музичари?

Соработував со Целофан продукција, на една песна за Евровизија, „Повторно вљубена“ и на една друга песна со наслов „Станица“. Се надевам дека во иднина ќе имам и други соработки.

Сметаш ли дека во Албанија се подобри условите за градење музичка кариера?

Не знам точно да ви кажам… но знам дека таму се вложува многу на овој план и тие одат напред со брзи чекори. Тоа пред две години го изјави и Калиопи.

Што подготвуваш следно?

Остварив многу контакти со различни продуценти надвор од Македонија, но што ќе испадне од тоа за сега не можам со сигурност да ви кажам.

 

Премземено од: MKD.MK



Врати се горе ↑