Македонија La Mans 1-23082010074409

5 декември, 2012

Велешкиот бенд Ла Манш се враќа со „Среќна Нова Година“

Велешката поп-рок група Ла Манш сними песна посветена на претстојните празници „Среќна Нова Година“, пишува Дневник. Со оваа нумера бендот ќе се врати на македонската сцена 17 години откако не настапува, а 19 откако го снимија последниот албум. Песната е снимена во студиото „Анастасија“ во Скопје. Дело е на Роберто Панчевски, а аранжманот е на групата. Ла Манш ја сочинуваат Роберто Панчевски, Роберт Трајков, Борче Стојанов и Владимир Тевчев, кои беа дел од првиот состав.

„И по распадот на групата ние останавме пријатели и многу често се дружевме споделувајќи спомени од тинејџерските години кога активно настапувавме. Песната се роди сосема случајно. На една таква средба, повеќе на шега, се договоривме да снимиме нова песна. Но, шегата стана реалност. Снимањето беше многу забавно и несекојдневно искуство. Беше интересно да се собереме во студио по толку години и забележавме дека жарот што го имавме пред 20 години не исчезнал. Секој од нас има своја кариера, кој во професорските, кој во адвокатските, кој во лекарските, кој во новинарските води и сигурно не планираме сериозно да се занимаваме со музика. Но, којзнае што може да се случи во иднина“ – изјавија членовите на Ла Манш.

Бендот функционираше од 1990 до 1995 година, период во кој сними два албума за продукцијата на МРТВ „Јас и ти“ (1991) и „Напиј се за нас“ (1993). Во тој период беше една од најпопуларните групи во Македонија и за многумина беше тогашен македонски одговор на популарните Црвена јабука.

Во продолжение да се потсетиме како звучеа Ла Манш во далечната 1991 година.

Извор: Дневник/ фото: tirekovmirece.com



Врати се горе ↑