Видео

23 март, 2018

„Велат нè нема, ама еве сме, македонски песни гордо пееме“

„Велат нè нема, ама еве сме, македонски песни гордо пееме“, ова се дел од стиховите на победничката песна од Влатко Миладиноски. Стихови, кои ја расплакаа публиката на неодамна одржаниот „Гоце фест“. Настапот од фестивалот  вторпат беше прикачен на Јутјуб, откако претходно беше пријавен и отстранет, а само сега има гледаност над 70.000 пати.

„Како и секогаш за аранжманот се погрижи мојот брат Златко Миладиноски, меѓутоа музиката и текстот на мое изненадување и задоволство се на нашинци од Австралија, односно музиката е на Тоде Новачески од Австралија, кој е многу познат, а текстот на Крсте Наумоски-Мечкар. Добив повик од нив, ми ја предложија песната пред неколку месеци, ја бендисав на прво слушање, па снимањето се поклопи со ’Гоце фест’, исто и тематиката на песната“, вели Миладиноски.

Покрај првото место од публиката, Влатко доби специјална награда од Здружението на деца бегалци од Егејскиот дел на Македонија, како и наградата за најдобар сценски настап. За одличната кореографија на сцената се погрижија играорците од КУД „Блажески“, кои одлично изгледаа во автентичните носии од Егејскиот дел.

Соработници се Новица Василевски на кларинет, Филип Нунески – труба, Орце Лазаров – бас, Даме Коларовски – тапани, а песната е снименa во студиото „Анастасија“.

„Навистина велат дека нè нема, ама ние тука сме и тука ќе останеме, како што вели песната. Оваа песна, како и сите други е направена искрено од срце и се надевам дека ќе им се допадне на гледачите“, додаде Влатко, во интервју за ИН ТВ.

Во продолжение, погледнете го целосниот видео запис од прекрасниот настап на Влатко, кој го изработи „ИН продукција“!



Врати се горе ↑