Балкан 1376323_687977297881979_435811596_n

29 октомври, 2013

Вечерва започнува X Factor

Вечерва (вторник, 29-ти октомври) започнува долгоочекуваното регионално издание на најпопуларниот и најгледан музички натпревар  X Factor. Првата емисија ќе се емитува со почеток од 21:15 часот на Сител телевизија, која заедно со српската телевизија Пинк учествува во овој голем проект, кој опфаќа четири земји од регионот, односно Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Вечерва ќе имаме можност да видиме дел од вкупно 300 кандидати кои ја поминаа првичната селекција на предаудициите.

Четиричленото жири составено од Жељко Јоксимовиќ, Кики Лесендриќ, Емина Јаховиќ и Кристина Ковач ги сослушаа настапите на сите 300 кандидати од кои само 120 проминаа во следната фаза наречена „Boot camp“ или регрутен камп. Најинтересните кандидати и нивните настапи на аудицијата ќе ги гледаме во првите емисии кои ќе се емитуваат секоја сабота. Во улога на водители ќе ги гледаме српскиот актер Бане Јефтиќ, како и нашата позната водителка Снеже Велков.

 

Потсетуваме дека X Factor и во светот е светски водечки формат за натпреварување на млади пејачки таленти, па токму преку оваа емисија, чиј идеен творец и сопственик познатиот Сајмон Кауел, се прославија некои од најголемите ѕвезди во моментов, како што се Уан Дајрекш, Литл Микс и Џејмс Артур. Финалистите на овој натпревар ги очекуваат вредни награди, а победникот го очекува снимање на албум, водење на кариера и луксузен автомобил.

Во понатамошниот тек на натпреварот (после регрутниот камп), кандидатите ќе бидат поделени во 4 групи: 1. момчиња, 2. девојки, 3. пејачки групи и 4. тн.„втора шанса“, односно малку постари кандидати кои оваа можност ќе ја искористат (конечно) да ги реализираат своите соништа. Токму оваа последна група го даде минатогодишниот победник на американската верзија на X Factor, кога убедливо триумфираше 37-годишниот кантри пејач Тејт Стивенс. Со други зборови, во X Factor сè е возможно, а од кандидатите се бара многу повеќе од само талент за пеење. Како што кажува и самиот наслов на емисијата, жирито ќе го бара тн. Х фактор, нешто посебно во секој од нив, фактор што мора да го поседува секоја голема ѕвезда.

Во текот на подготовките за почеткот на снимањето, Кики Лесендриќ изјавил дека ќе ги цени кандидатите кои воедно се и автори, а не само изведувачи, што не треба да нè чуди со оглед на тоа што сличен критериум имаат и судиите во другите земји. Тоа секако не значи дека изведувачите нема да имаат шанса, туку само дополнително зборува за тоа дека во овој натпревар критериумите се подигнати на многу високо ниво.

 



Врати се горе ↑