Македонија макфест

5 октомври, 2017

Вечерва започнува „Макфест 2017“, еве го редоследот за првата вечер

Со подигањето на фестивалското знаме, денеска и официјално започна 32. издание на фестивалот на забавни мелодии „Макфест 2017“, а вечерва со почеток од 20.30 часот, со директен пренос на МРТ, ќе имаме можност да ги проследиме првите 15 композиции што ќе се натпреваруваат за влез во големото финале в сабота.

Како што соопштија организаторите, по неколкугодишните експерименти со системот за гласање, одлуката и одговорноста за пласманот до финале, но и за наградите, ја препушта на публиката пред ТВ екраните, а годинава повторно ќе може да гласа и публиката во салата. 

Имено, во фоајето на Домот на културата „Ацо Шопов“ ќе бидат поставени кутии со ликовите на изведувачите, а секој гледач ја уфрла влезницата во кутијата на песната фаворит или изведувачот што му се допаднал најмногу, сето тоа по принципот една влезница – еден глас. Телефонското гласање, пак, кое се реализира со помош на компанијата „Видекс“ од Скопје, ќе се одвива преку единствениот број 141 730, со тоа што тој што сака да гласа, го впишува редниот број на изведувачот. Цената на телефонското гласање е 10 денари плус ДДВ, а од една СМС-картичка може да се гласа САМО ЕДНАШ ЗА ЕДНА КОМПОЗИЦИЈА, а повеќе пати за различни композиции.

Како што е познато, годинава изведувачите ќе пеат на матрица, а имаше измени и во наградниот фонд, кој по одлука на министерството за култура неодамна беше драстично намален, но општина Штип одлучи да го зголеми, па така првата награда е во вредност од 5.000 евра, втората 4.000, а третата од 3.000 евра. Останатите награди како што се дебитант или сценски настап остануват во вредност од 500 евра.

Од вечерашната прва полуфинална вечер, само 10 од 15-те композиции ќе обезбедат пласман за финале, а одлуката за тоа е во Ваши раце. Им посакуваме среќа на сите финалисти, а официјалниот редослед на настапи е следниот:

  1. Огнен Здравковски – Зошто не се јавуваш
  2. Лена Партикова Ременска – Сама си
  3. Биле, Ивана, Дејан и Стефан – Мојот дом
  4. Риплеј бенд – Ти си мојот сон
  5. Зоран Илиев и Анабела Атијас – Од утро до вечер
  6. Тамина Нијазова (Таџикистан) – Ти мој свет
  7. Александар Тарабунов – Ако заминеш
  8. Лина Пејовска – Ако ме сакаш
  9. Мартина Митревска – Љубовта нема граници
  10. Пепа – Дожд од зборови
  11. Емануел Баг Линдстром (Шведска) – Then Came You
  12. Симона Попоска – Сама
  13. Елена Петреска – Нешто
  14. Мартина Иванова (Бугарија) – Мамо
  15. Лена Заткоска – Нека те боли

*за гласање се пишува редниот број и се праќа СМС на телефонскиот број 141 730



Врати се горе ↑