Македонија makfest2014

5 јуни, 2014

Вечерва започнува „Макфест 2014“

Вечерва со почеток од 20 часот започнува 29-тото издание на фестивалот за забавни мелодии „Макфест 2014“, а во рамките на првата фестивалска вечер ќе настапат 15 од вкупно 30 изведувачи кои ќе се натпреваруваат годинава. Домот на културата „Ацо Шопов“ во градот под Исарот ќе биде центарот на случувањата во следниве 3 дена, а покрај официјалната програма на фестивалот, штипјани организираат и бројни забави низ кафулињата и ноќните клубови во градот.

Како што е познато, „Макфест“ годинава навистина претрпи многу промени во однос на изминатите години. Наместо во традиционалниот октомвриски термин, фестивалот чиј главен покровител е Министерството за култура, за прв пат ќе се одржи во јуни, а се враќа и старата фестивалска шема од две полуфинални и една финална вечер. Најдобрата новост поврзана со овогодишното издание е тоа што натпреварувачите ќе бидат придружувани од ревискиот оркестар на Македонската Радио Телевизија, а можност за гласање со СМС пораки ќе има и публиката од цела Македонија.

Сакале или не, македонските фестивали често се проследени со скандали и контроверзии, па така уште пред самиот почеток деновиве дознавме дека личноста која беше „заштитно лице“ на фестивалот, Вера Јанковиќ, за жал нема да ни ја раскаже оваа макфестовска приказна. На нејзиното место ќе ја видиме русокосата убавица Марјана Станојковска, а како таа ќе се снајде во оваа улога ќе видиме вечерва.

Честа да ја отвори вечерта и да настапи прв ја има штипјанецот Јоце Панов, а последна ќе настапи Лена Заткоска. Интересно е тоа што по мошне долга пауза од музичката сцена, вечерва ќе имаме можност да уживаме и во изведбите на Лидија Кочовска и Искра Трпева, а дел од оваа прва фестивалска вечер се и Мики Секуловски, Бојан Стојков, Дарко Илиевски, Симона Попоска, Маја Вукичевиќ, Викторија Лоба, Наде Талевска, Емил Арсов, Кристина Костовска и минатогодишната победничка Александра Јанева. Редоследот на настапи и насловите и авторите на песните можете да ги видите во продолжение.

 

По изведбите на сите натпреварувачи, во ревијалниот дел од програмата ќе настапи Драган Мијалковски.

Министерството за „Макфест 2014“ предвидело седум милиони денари, а штипската локална самоуправа, како што изјави градоначалникот Захариев, ќе партиципира со три милиони. Kако што веќе е познато, наградата за победничката мелодија ќе изнесува 20, за второпласираната 15, а за третопласираната 10 илјади евра. Ќе бидат доделени и две награди од по 3.000 евра за најдобар дебитант и за најдобар сценски настап.

„Макфест 2014“ ќе биде пренесуван во живо на Македонската Радио Телевизија, а програмата за денешниот ден можете да ја видите на официјалната веб страна на Макфест.

 И.Ј.



Врати се горе ↑