Македонија 1378297_605418646183466_1974470461_n

25 октомври, 2013

Вечерва започнува „Хит на месецот“ на МРТ1

Македонската Радио Телевизија вечерва започнува со уште едно музичко шоу, емисија наменета за младата популација и сите љубители на македонската забавна музика. Секој последен петок во месецот на програмата на МТВ ќе се емитува емисијата „Хит на Месецот“,  музичка топ листа составена од десет песни од забавната македонска музика. На почеток тоа ќе бидат предлози, за кои гледачите ќе може да гласаат во текот на месецот, кога до следното издание ќе се знае прворангираниот, односно песната којашто ќе биде избрана за хит на месецот според гласовите на публиката.

„Ние како сектор за културно-уметничка програма ја продолжуваме нашата мисија за што поголема застапеност на македонската музика на нашата програма со цел нејзина афирмација и поддршка. Сакаме да им дадеме можност и простор на нашите изведувачи да ја промовираат својата работа, во емисии кои ги задоволуваат сите телевизиски стандарди, а внимаваат и на поставување високи критериуми при селекција на понудените содржини. Овој проект долго време се подготвуваше во нашата редакција, за што конечно се создадоа потребните услови. Благодарни сме на разбирањето и поддршката од страна на менаџерскиот тим на МРТ во реализацијата на креативните идеи кои доаѓаат од вработените во нашиот сектор“ – изјави Мери Попова, уредник на секторот за културно-уметничка програма на МРТ.

Она што ја прави оваа топ листа поинаква е тоа што во „ХИТ НА МЕСЕЦОТ“ песните-предлози нема да бидат претставени преку видео спотови, туку со музички настапи на пејачите снимени во новото Студио 1 на МРТ. На ваков начин ќе се овозможи креирање на квалитетна топ листа, составена од ново продуцирани издржани песни, без да се зависи од видео продукцијата и да мора во топ листата да се вметнуваат исклучиво песни коишто имаат видео спот. Емисијата е замислена како музичко шоу, во кое настапите на пејачите вклучуваат осмислен сценски настап и публика во студио.

Скратено издание на оваа топ листа со актуелното рангирање на песните ќе се емитува како потсетување за гледачите еднаш неделно во секое издание на емисијата  Стисни Плеј, којашто е во врзан проект со емисијата „Хит на Месецот’’. Првото издание на „Хит на Месецот’’ ќе понуди десет предлози, а предвидено е секое следно издание на емисијата да понуди три нови музички предлози. Тоа значи преглед на актуелното рангирање на десетте веќе понудени песни, според редната позиција на освоени гласови и претставување три нови предлози.

Како ревијален дел од емисијата во иднина гледачите може да очекуваат гостување на музичари од земјава и од регионот. Предвидено е проектот во иднина на крајот на годината да финишира со голема завршна манифестација – „Хит на годината’’ или музички награди во организација на МРТ, во којашто ќе бидат наградени најдобрите од нашата музичка сцена, а за што според добиените информации преку контактите со нашите музичари ина навистина голема потреба и поддршка за организација на еден ваков настан.

Емисијата ќе се емитува секој последен петок во месецот, со почеток во 22 часот и 20 минути. Водителски пар на емисијата се Александра Јовановска и Марко Марк, кои на публиката ѝ се познати по музичката емисија Стисни Плеј.

Во вечерашното прво издание, групата  Нокаут на својата Фејсбук страница ја најави промоцијата на нивната нова песна насловена „Да си тука вечерва“.

 



Врати се горе ↑