Македонија 41406

17 ноември, 2012

Вечерва се одржува Скопје Фест 2012

Вечерва со почеток од 20 часот ќе започне долгоочекуваниот Скопски Фестивал на сцената на Македонската Опера и Балет, а настанот во живо ќе биде пренесуван на Македонската Радио Телевизија. 18 нови рефрени вечерва ќе се родат на оваа сцена, со потенцијал да станат хитови и да останат во наследство за идните генерации. Позади песните од овогодинешниот фестивал се потпишуваат добро познати врвни автори во македонското музичко творештво како што се: Кире Костов, Огнен Неделковски, Миодраг Врчаковски, Владимир Дојчиновски, Весна Малинова, Драган Мијалковски, Дарко Димитров, Ристо Самарџиев, Кокан Димушевски, Роберт Билбилов, Зоран Алексиќ и други. Со оглед на тоа што токму тие се автори и на најголемите евергрини во македонската музика, вечерва можеме да очекуваме одлични композиции.

Првиот Скопје фест или Фестивал на забавни мелодии Скопје (но познат и како „Скопски фестивал” меѓу љубителите) своите звуци ги пушти во етерот далечната 1968. Како еден од првите фестивали во Македонија ја започнува својата традиција, се развива и гради имиџ на еминентен фестивал на територијата на Југославија. За неколку години го достигнува нивото на прв фестивал во Македонија, воедно и еден од најголемите во Југославија, фестивал посакуван за настап на сите значајни музички имиња во државата.

Од самите почетоци, па се до 1987 година изведбите на пеачите на фестивалот се придружувани од оркестар составен од повеќе десетици музичари, дел од оркестарот на Македонската филхармонија.  Скопје фест на својата сцена има повеќе од 50 музичари во изведба на секоја од над 50те песни кои излегуваа секоја година.

Во периодот на преструктуирање на државата, фестивалот е ставен во мирување за во 1994 да застане на нозе, со полн елан и истиот квалитет повторно да грмне во центарот на Скопје. Фестивалот продолжува да се одржува сè до 2002 година. Во понатамошниот период се оджува во 2004та и 2008ма година па сè до денес.

Годинава, за разлика од изминатите години, фестивалот ќе биде одвоен од изборот за песна за Евровизија, а ќе биде од ревијален карактер, односно нема да има награди и победници. Вечерва на сцената во МОБ ќе ги видиме и слушнеме изведбите на 18 пејачки имиња од македонската естрада. Тоа ќе бидат веќе докажаните изведувачи Верица Пандиловска, Јана Бурческа, Александар Тарабунов, Ристо Самарџиев, Ламбе Алабаковски, Наде Талевска, Ѓоко Танески, Андријана Јаневска, Драган Мијалковски, Бојан Стојков, Арија, Елена Ристевска, Тамара Тодевска, Дани Димитровска, Лаура Крлиу, Нико Георгиевски, Александра Пилева и Влатко Илиевски.

 



Врати се горе ↑