Свет 12348175_10153331175620748_8732322506051938228_n

15 февруари, 2016

Вечерва се доделуваат Греми наградите

Вечерва, во центарот „Стејплс“ во Лос Анџелес, по 58. пат ќе бидат доделени престижните музички награди Греми, а водител на манифестацијата по петти пат ќе биде познатиот рапер и продуцент Ел-ел Кул Џеј. Со најголем број номинации оваа година е раперот Кендрик Ламар, кој е во трка за дури 11 златни грамофони, а веднаш зад него се Тејлор Свифт и канадската ѕвезда Викенд, со по 7 номинации.

Лајонел Ричи е годинешниот добитник на специјалната награда „МјузиКерс“ (MusiCares), која Академијата започна да ја доделува од 1989 година, а вклучува поддршка и помош на финансиска, здравствена и други основи. Познати се и добитниците на наградите за животно дело, меѓу кои се најдоа џез легендата Херби Хенкок, рок бендот „Џеферсон ерплејн“, раперите од „Ран ди-ем-си“, диско легендите „’Рт, уинд енд фајр“, Линда Ронстад, кубанската пејачка Селија Круз, една од најпопуларните пејачки во Латинска Америка која почина во 2003 година, како и кралицата на блуз музиката Рут Браун, која почина во 2006 година.

Деновиве беше комплетиран и списокот со изведувачи што ќе настапат на сцената во центарот „Стејплс“, меѓу кои Ријана, Тејлор Свифт, Адел, Викенд, „Литл биг таун“, Кендрик Ламар, Ели Гоулдинг и Андра Деј, Џејмс Беј, Тори Кели, Мигел, Сем Хант и Кери Андервуд, Џастин Бибер и „Џек ју“ (Дипло и Скрилекс), Тревис Баркер со Питбул и Робин Тик, „Холивуд вемпајрс“ (Алис Купер, Џони Деп и Џо Пери), актерите од бродвејскиот мјузикл „Хамилтон“, Бони Рајт со Крис Стејплтон и Гери Кларк Јуниор ќе настапат во чест на кралот на блузот – Би-Би Кинг; Меган Трејнор, Џон Леџенд, Деми Ловато и Лук Брајан ќе пеат во чест на Лајонел Ричи, а Лејди Гага ќе му оддаде почит на неодамна починатиот Дејвид Боуви.

Настанот ќе биде пренесуван во живо само во САД, на каналот Си-би-ес, така што победниците ќе ги дознаеме утре.

И.Ј.



Врати се горе ↑