Балкан

29 јануари, 2019

Вечерва првото доделување на регионалните музички награди МАС 2019

Во арената „Штарк“ во Белград вечерва ќе се одржи долгонајавуваното прво доделување на регионалните музички награди, а на манифестацијата наречена „Мјузик авордс серемони“ (Music Awards Ceremony) или МАС 2019 ќе настапат бројни музички ѕвезди од просторот на некогашна Југославија. Дел од нив се и потенцијални добитници на признанија како што се најдобра поп-песна, најдобра етно-песна, најдобро видео и сл.

Меѓу номинираните од Македонија се најдоа само шест изведувачи и тоа: Каролина Гочева, „Некст тајм“, „Фанк шуи“, „Ај кју“, Сара Мејс и Лина Пејовска, а само Каролина ќе ја видиме и со свој настап на вечерашната манифестација. Своите најголеми хитови или сосема нови синглови ќе ги претстават и: Масимо Савиќ, Јелена Розга, „Лете штуке“, Емина Јаховиќ, „Вива вокс“, „Лолобриџида“, „Плави оркестар“, Раста, Аца Лукас, Петар Грашо, Жељко Јоксимовиќ, „Ван Гог“, Стјепан Хаусер, Марија Шерифовиќ, Тони Цетински, Бајага, Сергеј Четковиќ и Јелена Карлеуша.

Водители на настанот се Џуле (Ван Гог), Ида Престер (Лолобриџида) и Аида Јокановиќ, а преносот во живо ќе се емитува на едни од најгледаните телевизии во регионот, како што е „Сител“ кај нас, но и на официјалниот канал на Јутјуб со почеток од 20.00 часот.

Нов круг гласање за време на манифестацијата

Гласањето онлајн и преку СМС заврши вчера на полноќ, но заради големиот интерес од публиката, организаторите соопштија дека ќе има уште еден круг гласање од самиот почеток на преносот во живо, но ќе се однесува само за настапите. Како што споменавме, Каролина е единствената Македонка што ќе настапи на МАС 2019, а редоследот на настапи и деталите за гласање ќе бидат соопштени на самата манифестација.

Организаторите „Скајмјузик“ и „Цебеф“ се откажаа од приходите од СМС гласањето и влезниците, а сите собрани средства ќе бидат наменети за УНИЦЕФ, водечката светска организација за деца која ќе ги распредели средствата за земјите од регионот.

 



Врати се горе ↑