10 март, 2017

Вечерва премиера на македонската песна за „Евровизија 2017“

Вечерва, 10 март, со почеток од 20 часот и 15 минути, во специјално издание на емисијата „Стисни плеј“ на МРТ премиерно ќе ја слушнеме песната со која Македонија ќе се натпреварува на годинешното, 62. издание на Изборот за песна на „Евровизија“. Како што е познато, нашата годинешна претставничка е Јана Бурческа, која ќе ги брани боите на нашата земја во втората полуфинална вечер закажана за 11 мај.

Во рамките на вечерашната емисија ќе бидат откриени и сите позначајни детали за авторскиот и креативниот тим, како и процесот на подготовка на комплетниот евровизиски пакет. Според кусата видео најава што можете да ја погледнете горе, се чини дека насловот на песната е „Dance Alone“ и дека ќе нè натера да танцуваме.

Македонија годинава ќе го забележи своето 17. учество на овој популарен европски фестивал, кој датира од далечната 1956 година. Од нашите досегашни претставници, најголем успех постигна Елена Ристеска во 2006 година, освојувајќи го 12. место во финалето, а веднаш зад неа е Калиопи, чиј хит „Црно и бело“ во 2012 година се пласираше на 13. место.

Фестивалот годинава ќе се одржува од 9 до 13 мај во украинската престолнина Киев, а за титулата песна на Евровизија ќе се натпреваруваат претставниците на вкупно 43 земји.

И.Ј.



Врати се горе ↑