Балкан x-factor-adria

23 март, 2014

Вечерва ќе го дознаеме победникот на првиот X Factor

Изминативе неколку месеци поминаа во знакот на првата регионална верзија од светски популарниот музички натпревар X Factor,  а до големото супер финале нè делат уште само неколку часа. Од преку 8000 пријавени кандидати до самиот крај успеаја да стигнат само 5 натпреварувачи, односно 4 соло изведувачи и 1 група, а тоа се нашиот единствен македонски претставник Даниел Кајмакоски, Тамара Милановиќ, Лукијан Ивановиќ, Маид Хеќимовиќ и групата Доктори.

Овие 5 најсреќни натпреварувачи стигнаа до овде благодарение на „5-тиот судија“ – публиката, која на членовите од жирито им помагаше во текот на сите емисии во живо. Во супер финалето секој од жирито има по еден претставник од својата категорија; Кристина Ковач ги има Докторите, Кики Лесендриќ ја има Тамара, Емина Јаховиќ го има Лукијан, додека Жељко Јоксимовиќ е во предност со два кандидати – Даниел и Маид.

За разлика од досегашните емисии во живо, кога секој натпреварувач изведуваше по една песна, во супер финалето има малку поинакви правила. Петте супер финалисти прво ќе отпеат по една песна, по што ќе следи гласање, а двајцата натпреварувачи со најмалку гласови излегуваат од понатамошното гласање. Потоа преостанатите тројца ќе испеат по уште една песна и повторно ќе има гласање по кое ќе излезе уште еден натпреварувач, за последните два кандидати да отпеат уште по една последна песна и еден од нив ќе биде прогласен за победник на првиот регионален X Factor. Овој пат жирито нема никаква задача, односно одлуката за победникот е целосно во рацете на публиката.

Веќе е познато дека во ревијалниот дел од вечерта како специјална гостинка ќе настапи Марија Шерифовиќ која премиерно ќе ја претстави својата нова песна „Ја волим свој грех“, a организаторите најавуваат многу изненадувања во текот на вечерта. Супер финалето ќе се одржи вечерва (недела, 23-ти март) во белградската „Комбанк арена“ со почеток од 20.30 часот, а настанот ќе биде пренесуван во живо на телевизиите Сител и Пинк.

И.Ј.



Врати се горе ↑