Македонија unnamed (2)

19 мај, 2015

Вечерва го бодриме Даниел на „Евровизија 2015“!

Вчера, во попладневните часови беше одржана прва генерална проба за првото евровизиско полуфинале  во Штадхале, Виена. Нашиот претставник Даниел Кајмакоски настапи осми по ред, заедно со неговите придружни вокали, добитниците на наградата Греми – „Мрџ“ (Merj). Салата за првата генерална проба беше исполнета до последно место од фанови и новинари, кои одлично реагираа уште на почетокот на нашата евровизиска песна.

Даниел и „Мрџ“ звучеа моќно и сигурно на сцената. Нивниот настап беше уште повпечатлив со делумно сменета кореографија која им дава целосна слобода во сценскиот израз. Пред одржувањето на пробата, Даниел имаше интервју со престижната британска телевизија Би-би-си, германската национална телевизија Ве 24 (W24), како и со низа новинари во прес центарот во Штадхале.

Голем медиумски интерес предизвикаа Даниел и „Мрџ“ и на вчерашното свечено отворање на 60-то издание на евровизискиот фестивал. Церемонијата започна со пристигнување на евровизиските ѕвезди на црвената патека, на која Даниел се фотографираше и даваше бројни изјави за австриски и интернационални медиуми. Потоа следеше прием во Градското Собрание на Виена, во организација на телевизијата организатор ОРФ и Европската Радиодифузна Унија (EBU).

Жирито го даде својот глас, на ред е публиката

По завршувањето на втората генерална проба и настапите на 16-те земји учеснички во првото полуфинале, гласаа членовите на жиријата. Вечерашните гласови на телевизиската публика ќе одлучат за 50 проценти од поените.

Даниел Кајмакоски вели: „Генералната проба пред полуфиналето помина најдобро досега, веќе се навикнавме на сцената во Штадтхале и убеден сум дека утре ќе имаме одличен настап.“

Денеска во Виена пристигнуваат групи на фанови од Македонија и Србија за да го поддржат Даниел на Евросонг. Првото полуфинале на „Песна на Евровизија“ ќе се емитува во живо на првата програма на Македонската Телевизија вечерва со почеток од 21 часот, а Даниел настапува под реден број 8. Среќно!



Врати се горе ↑