Настани The-Oscars-2017

26 февруари, 2017

Вечерва е 89. доделување на Оскарите

89. по ред доделување на академските филмски награди, познати како Оскари, ќе се одржи вечерва во театарот „Долби“ во Лос Анџелес, а домаќин на манифестацијата за првпат ќе биде познатиот американски водител Џими Кимел.

Според бројот на номинации предводи фаворитот за оваа сезона, мјузиклот „Ла ла ленд“, кој е во трка за рекордни 14 статуетки, веднаш за него со по осум номинации се „Пристигнување“ и „Месечева светлина“, по 6 имаат „Манчестер покрај морето“, „’Рт на спасот“ и „Лав“, а по четири „По секоја цена“ и „Огради“. Секој од нив е номиниран и во главната категорија Најдобар филм, заедно со историската драма „Скриени фигури“.

os

Меѓу презентерите на наградите ќе ги видиме Леонардо ДиКаприо, Ејми Адамс, Бри Ларсон, Ворен Бити, Скарлет Јохансон, Мет Дејмон, Џенифер Анистон и многу други, а во текот на манифестацијата ќе бидат изведени и дел од темите номинирани во категоријата Најдобра оригинална песна, каде што за првпат е номинирана и поп ѕвездата Џастин Тимберлејк.

Тој ќе го изведе хитот „Can’t Stop The Feeling“ од анимираниот филм „Тролови“, Џон Леџенд ќе ги изведе двете номинирани теми од фаворитот „Ла ла ленд“, а легендарниот Стинг ќе ја отпее „The Empty Chair“ од филмот „Џим: Приказната за Џејмс Фоли“, додека Сара Барелис ќе настапи во делот „Ин мемориам“.

osc

Како и секогаш, настанот ќе започне со славниот црвен килим, а потоа ќе следи главната церемонија. Кај нас, веќе неколку години со ред, доделувањето ќе можеме да го проследиме во доцните вечерни часови на телевизија „Сител“, со почеток од 23.30 часот. Директниот пренос од црвениот килим ќе започне во 12.30, а самата церемонија во 2.30 часот по полноќ. На сите номинирани можете да се потсетите овде.

И.Ј.



Врати се горе ↑