Македонија

29 јануари, 2018

Васка Јанковска со песна од Брега на „Евровизија 2018“?

Како што одминува времето, се зголемува и нетрпението да дознаеме кој ќе нè претставува во Лисабон, а после шпекулациите дека улогата ја добила Анета Мицевска од битолската група „Молика“, МРТ деновиве конечно „го скрши мразот“ и распиша конкурс за сите домашни и странски автори да испратат песни најдоцна до 8 февруари. Како што пишува во соопштението, изведувачот ќе биде избран дополнително, врз основа на самата композиција.

Иако (повторно) сè уште е рано да се коментира, веќе се спомнува уште едно име што би било потенцијален претставник, поточно претставничка на Македонија за 63. издание на популарниот фестивал, а како автор би се потпишал еден добро познат музички великан од Балканот. Имено, како што пишува „Вечер.прес“, меѓу изведувачите што се „во игра“ најчесто се спомнува името на популарната скопјанка Васка Јанковска, која се стекна со светска популарност пеејќи ја култната песна „Едерлези“(„Ѓурѓевдан“) во исто така култниот филм „Дом за бесење“. Во тоа време стана и активна членка на „Оркестарот за свадби и погреби“ на славниот Горан Бреговиќ. Настапуваше насекаде, од Јужна Америка до Австралија, и беше големо музичко име. Со години е во фаза на мирување, но и не за постојано. Историјата како да се повторува, па според сите достапни информации, по сè изгледа дека Васка ќе ја обнови соработката со Бреговиќ, и тоа по повод македонскиот избор за „Песна на Евровизија“.

 

„Ќе треба допрва во Белград или тука во Скопје да се видам со шефот“, рекла Васка, која така нагалено го вика Горан. „Тој може а, и сака да напише песна за мене и за мојот вонсериски глас. Има инспирација. Знам дека во јавноста се крена голем прав околу моето евентуално учество, но од каде наеднаш толкав интерес за мене? Едно време како да бев подзаборавена, а сега ме бараат. Јас од никој ништо не барам, само од шефот барам да ми подари некоја добра песна со која гордо би ја претставувала Македонија во Португалија и со која ќе оставиме траен белег на македонската и европската музичка сцена, како што беше со ’Едерлези’“.

Васка објаснува дека таа е позната низ целиот свет, дека на Фејсбук има еден куп пријатели кои ја подржуваат во тоа да се натреварува на македонскиот евровизсиски натпревар, но и им се чуди на они кои велат дека Бреговиќ нема да може да учествува бидејќи е странски државјанин. „Тоа нема никаква врска, правилата на ’Евровизија’ тоа го дозволуваат. Ако се навратиме во историјата на евровизискиот фестивал ќе видиме дека Гркинката Вики Леандрос настапуваше за Луксембург па, дури и победи, како и Тереза Кесовија која пееше за Кнежество Монако а, беше државјанка на тогашната Југославија. Значи, нема потреба од вакви дезинформации, а се пласираат се заради тоа јас и Бреговиќ да се премислиме. Мислам, дека воопшто нема да згрешиме ако Македонија во Португалија оди со песната на Горан Бреговиќ. Тој има осет да напише квалитетен хит, а јас знам да пеам“, додала таа.

Како и да е, дали ќе биде Васка или Анета или некој/а друг/а, сакале или не, ќе дознаеме наскоро бидејќи „Евровизија“ е веќе во мај, а сите песни што ќе се натпреваруваат во Лисабон мора да бидат познати до крајот на март.

Извор и фотографија: Вечер.прес



Врати се горе ↑