Македонија

11 април, 2018

Васка Јанковска доби признание од Сојузот на Ромите на Македонија

„Едерлези“ (или „Ѓурѓовден“) за сите времиња!

Популарната интерпретаторка на големиот музички хит „Едерлези“ (познат и како „Ѓурѓовден“), но и главна пејачка во бендот на легендарниот Горан Бреговиќ, Васка Јанковска изминатиот празник Велигден го прослави дома, во домашна атмосфера, но и со една голема причина.

Како што Велигден оваа година се совпадна со Меѓународниот празник на Ромите, Васка имаше оправдана причина никаде да не отпатува туку во Скопје во „Александар палас“ да добие значајно признание од Сојузот на Ромите на Македонија за придонес и развој на ромската филмска уметност. А таа уметност ја подразбира и песната „Едерлези“, која Васка ја има феноменално испеано за сите времиња во легендарниот филм на Емир Кустурица, „Дом за бесење“.

Васка Јанковска и Васка Бајрамовска Мустафа

„Конечно некој да се сети дека јас ја заслужувам наградата, го заслужувам признанието, а тоа ми го даде претседателот на Сојузот на Ромите, господинот Амди Бајрам. Јас не сум партиски определена, но само оваа ромска партија покажа интерес за мојата професионална работа и мојата успешна кариера и тоа на многу убав начин. Токму преку ромската песна јас низ целиот свет кажував за животот на нас Ромите“, изјави за „Вечер“ Васка, која не ја криеше радоста поради признанието пред новинарите.

Заедно со Васка, признанието го добија и многу други заслужни македонски Роми, меѓу кои и неофицијалниот крал на музиката Ферус Мустафов, но и поранешната новинарка од ромската редакција во МТВ, Васка Бајрамовска Мустафа, сега заменик на народен правобранител, а која го доби признанието за придонес кон остварување на правата на ромската заедница.

Извор и фотографии: Вечер.прес



Врати се горе ↑