Балкан

17 февруари, 2018

Вања Радовановиќ е црногорскиот претставник за „Евровизија 2018“

Во рамките на фестивалот „Монтевизија“, Црна Гора вечерва го одбираше својот претставник за годинашната „Евровизија“, а од петте финалисти што се натпреваруваа во хотелот „Хилтон“ во Подгорица, најмногу гласови доби Вања Радовановиќ. 35-годишниот кантавтор во Лисабон ќе се натпреварува со темата „Иње“, чии музика и текст ги потпишува самиот тој, додека аранжманот е на Боле Мартиновиќ.

Заедно со Вања, на „Монтевизија“ се натпреваруваше и Катарина Богиќевиќ, чија песна „Нежељена“ заврши на 2. место, потоа Лорена Јанковиќ со „Душу ми дај“, која го освои 3. место, Нина Петковиќ со „Дишем“ и Ивана Поповиќ Мартиновиќ со „Пољупци“. Петте песни влегоа во потесниот избор од вкупно 30 композиции што биле пратени на конкурсот на РТЦГ, а за нив одлучувало жири во состав: Дејан Божовиќ, Владимир Мараш, Славен Кнезовиќ, Исмета Дервоз и Корнелије Ковач, додека за победникот одлучи самата публика.

Радовановиќ во Лисабон ќе настапи во втората полуфинална вечер на 10 мај, заедно со претставниците на Србија и Словенија, а како звучи неговата „Иње“ можете да слушнете во продолжение. Уживајте!

 

Инаку, ако што ви пренесовме неодамна, и Србија го возобнови фестивалот „Беовизија“, а кој ќе биде победник и евровизиски претставник за годинава ќе дознаеме во вторник, 20 февруари. На сите песни за „Беовизија 2018“ можете да се потсетите овде.



Врати се горе ↑