20 декември, 2013

Уживајте со празничното шоу на Мајкл Бубле!

Канадскиот музичар и како што самиот се нарекува „Кралот на празниците“, Мајкл Бубле веќе трета година со ред снима специјална божиќна емисија во која пее дел од најпознатите празнични песни, а друштво му прават и негови колеги како што во изминатите емисии беа Гери Барлоу, Кели Роланд, Џастин Бибер, Карли Реј Џепсен, Род Стјуард, Блејк Шелтон и други (минатогодишната емисија можете повторно да ја гледате овде, а првата снимена за британската телевизија Ај-ти-ви на овој линк).

Годинава, во емисијата која се емитуваше на 18 декември на американската телевизија Ен-би-си, Бубле имаше две прекрасни гостинки, пејачки кои се сместени помеѓу најмоќните женски вокали во изминативе неколку децении. Станува збор за „Кралицата на празниците“, познатата дива Мараја Кери, која заедно со Мајкл го отпеа нејзиниот најпознат празничен хит „All I Want For Christmas Is You“, како и темата „Christmas Time Is In The Air Again“, а нема потреба од големи најави ни за втората гостинка, познатата Р&Б и соул дива Мери Џеј Блајџ, која годинава го издаде својот прв празничен албум насловен „A Mary Christmas“. Токму на ова издание се најдоа и двете теми кои ги отпеа во рамките на оваа емисија, а тоа се песните „The Christmas Song“ и „Rudolph The Red Nosed Reindeer“.

Уште еден одличен спектакл, 40-тина минути исполнети со музика, изведба на врвни вокали во придружба на оркестар, сето тоа дополнето со хумористични сцени во кои се појавува и третиот официјален гостин  Куки Манстр од Сезами Стрит. Песните кои ќе ги слушнете во емисијата (горе) се „Blue Christmas“, „All I Want For Christmas“, „I’ll Be Home For Christmas“, „Rudolph The Red Nosed Reindeer“, „Holly Jolly Christmas“, „Santa Baby“, „Jingle Bells“, „Christmas Time Is In The Air Again“, „White Christmas“, „Santa Claus Is Coming to Town“, „The Christmas Song“ и „Silent Night“. Уживајте!



Врати се горе ↑